Среда, 11 Август 2021    Печати
Апостол Секулоски

1sekul121

Апостол Грозданов Секулоски ( VI 1876 - 27. VIII 1936) е македонски слеп гуслар. Како десетгодишно момче, во својот дом во Прилеп го прибрал Коле Лауц. Во 1896 година оформил своја тајфа и го прошетал речиси целиот Балкан. Од епските песни омилени му биле  „кралските“ песни, а од комитските најмногу ги пеел песните за Димче Могилчето, Спиро Црне, Александар Турунџе и Ѓорѓија Лажот. Жените најчесто му ги порачувале песните за Аврам и Сара, за Константин и Елена.

Апостол Секулоски е роден во битолското село Облаково, во 1876 година, на празникот свети Талалеј. Ослепел неколку недели по раѓањето. Десет години потоа, спроти празникот Св. Талалеј, од Прилеп пристигнал Коле Лауц, прочуен македонски гуслар во тоа време. Утрендента, на денот на селскиот собор во Облаково, малиот Апостол бил восхитен од песните кои ги пеел прочуениот гуслар. Со оглед дека за малиот Апостол било најдобро да научи да пее и свири за да може да заработува за живот, во согласност со неговите родители, Апостол  како десетгодишно момче заминал со Коле Лауц во неговиот дом во Прилеп за да учи гусларство.

Апостол бил надарен и брзо ја научил гуслата и мелодиите. По десетина години почнал самостојно да настапува или во тајфи. Во 1896 година оформил своја тајфа и го прошетал речиси целиот Балкан.

Апостол припаѓа на т.н прилепски просјаци-гуслари, кои како и сите други од нивниот ранг, живееле со животот и правилата на еснафлиите. Тие се помагале меѓусебно, меѓусебно го предавале занаетот, имале поединци кои се стекнале со звање “протомајстор“, имале и заеднички врталишта, имале и заеднички еснафски празници, засебни продавници во кои го нуделе испросеното за продавање и од каде, кога се појавувала потреба тие или нивните семејства додека биле на пат, позајмувале пари и прехрамбени или други производи.

Инаку, Прилепските просјаци-гуслари имале и богат и разновиден репертоар. Пееле и епски песни, најмногу јуначки, а Јова Цвијиќ прилепските просјаци-гуслари ги смета за главни сејачи на “крали марковските песни“ на Балканот.

Во Прилеп омилено врталиште на Апостол Секулоски му било кај Градскиот часовник. Тој имал пријатен глас и со своето пеење и свирење го привлекувал народот. Знал многу песни, а од епските песни омилени му биле „кралските“ песни (за Крали Марко), а од комитските најмногу ги пеел песните за Димче Могилчето, Спиро Црне, Александар Турунџе и Ѓорѓија Лажот. Жените најчесто му ги порачувале песните за Аврам и Сара, за Константин и Елена.

Со својата песна Апостол го кревал духот на поробениот македонски народ за да истрае во неговата борба за слобода. По Балканските војни и поделбата на Македонија во 1913 година, неговите патувања биле ограничени и намалени.

Неговите последни патувања било во 1936 година. Пред Петровден тргнал на пат кон Битола и добил силни болки во стомакот, па е вратил во Прилеп. Откако се видел подобар тргнал на пат кон Крушево. Но, не останал долго. Чирот во желудникот му предизвикувал силна болки и веќе на Св. Илија бил легнат во постоела во својот дом во Прилеп.

По десетина дена боледување, на 27 август 1936 година, починал големиот македонски гуслар Апостол Секулоски.