Среда, 28 Декември 2022    Печати
Јон Димов – Пашата

1brk123456

Јон Димов – Пашата (1876 - 1907) е македонски револуционер, деец на ТМОРО и битолски војвода. Бил комита во четата на Ѓорѓи Сугарев, а потоа кај војводата Јован Кафеџијата во Битолско, кој за време на Илиндеското востание во 1903 година, дејствувал со Димко Илија Сарванов – Могилчето. Подоцна оформил своја чета и дејствувал во Шурковската Планина и во Преспанско, а потоа во Кичевско и во Битолско. Во 1904 година Пашата бил назначен за реонски војвода на Битолско поле

Иван Димов или Јон Пашата е роден во 1878 година во прилепското село Тројкрсти. Според други извори, тој е роден во 1876 година во Тројаци или во Логоварди. Во 1897 година работел во Романија, а кога се вратил од печалба во 1900 година, ја искршил вратата на Шебедин-бег, каде што порано слугувал и од таму зел пушка и два пиштола. 

Се вклучил во Македонската револуционерна организација и од 1902 година станал комита во четата на Ѓорѓи Сугарев. Потоа бил кај војводата Јован Кафеџијата во Битолско, кој за време на Илиндеското востание во 1903 година, дејствувал со Димко Илија Сарванов – Могилчето.  Меѓу тројцата знаменити синови на македонскиот народ, Димко Могилчето, Јован Кафеџијата и Јон Пашата, се создало големо пријателство. Пашата подоцна оформил своја чета и дејствувал во Шурковската Планина и во Преспанско, а потоа во Кичевско и во Битолско.

Во 1904 година Пашата бил назначен за реонски војвода на Битолско поле. Заедно со Димче Сарванов и Трајко Кралот, работеле против нападите на грчката вооружена пропаганда во Македонија и учествувале во повеќе борби и акции. Пашата во овој период дејствувал како помошник на реонскиот војвода Димче Сарванов, на подрачјето на полските села во Пелагонија од десната страна на реките Црна и Ѓаваткол, и се движел со 6 четници.

На 1 јули 1905 година, Димче Могилчето во соработка со Јон Димов-Пашата и Трајко Кралот, од заседа го убиле злогласниот Шефкија-бег, кој имал чифлик во село Могила. Убиството на Шефкија-бег, за кого се сметаше дека куршум не го бие, силно ќе одекне меѓу народот. Силно ќе ги растревожи битолскиот валија Селм ефенди и турското население, но ќе го орасположи македонскиот народ.

Според една верзија, кон крајот на 1907 година, Иван (Јон) Димов – Пашата тешко се разболел од дифтерија и умрел во Битола. Тој бил погребан во дворот на црквата „Света Недела“ во Битола, а подоцна повторно погребан во гробот на една млада жена, под неа, поради постојаните претреси на турскиот аскер на гробиштата.

Демирхисарскиот војвода Алексо Стефанов во своите спомени за овој настан вели: „Јон - Паша ги нападнал гркоманските села: Паралово, Гнилеж, Гнотино, Меглен и Рибарци и целосно ги уништил. Ова се случи во 1907 година. Набргу потоа, на Јона Паша се разболел од грлото и отишол на лекување во Битола. Тука го лечел доктор Нале од село Будимирци, Мориовско. Последниот бил гркоман, ни беше противник. Болеста на Јон се влошила и набрзо тој починал. Турската полиција дознала дека Јон Паша е во Битола и дека се лекува, но ништо повеќе не можеле да дознаат, бидејќи луѓето овде биле добро организирани. Го погребале Јон - Паша без да разберат Турците. Наскоро по погребот, Турците дознале за тоа и отишле на гробиштата за да ги обиколат и да го најдат телото на починатиот војвода. Меѓутоа, луѓето од организацијата во градот претходно дознал за намерите на турската власт, отишле на гробиштата, го ископале телото на Јон и го ставиле во единствениот свеж гроб на жена, каде посмртните останки на војводата биле закопани под таа жена. Дошла турската власт, но и покрај сите напори, тие не можеле да го најдат гробот.“

Подготвил: Т.К.