|
||||
Марко Иванов |
Марко Иванов (20. VI 1877 – 16. XII 1933) е македонски револуционер и кајларски војвода на Македонската револуционерна организација. Во Илинденското востание учествувал во ослободувањето на Клисура (4. VIII 1903) и Невеска (12. VIII 1903). По востанието продолжил да дејствува со својата чета. Марко Иванов е роден на 20 јуни 1877 година во селото Галеор, Кајларско, Егејскиот дел на Македонија. Се школувал. Влегол во Македонската револуционерна организација и станал еден од највредните соработници на Марко Лерински и на дедо Андреј Петров. Првин бил курир и доставувач на оружје на организацијата. Во 1903 година станал четник на Георги Папанчев. Во мај истата година присуствувал на Смилевскиот конгрес. За време на Илинденското востание бил војвода на загоричкиот центар во Костур и учествувал во заземањето на Клисура (4. VIII 1903) и Невеска (12. VIII 1903). Бил назначен за командант на Клисура. Подоцна, не успеал да го спречи настапувањето на околу 6.000 османлиски војници од Костур кон село Маврово, Костурско (13. VIII 1903). По востанието останал во земјата и продолжил да дејствува со својата чета. Марко Иванов зел учество во Балканските војни и во Првата светска војна. Емигрирал во Бугарија каде учествувал како делегат од Крупничкото македонско братство на обединувачкиот конгрес на Македонската федеративна организација и Сојузот на македонските иселенички организации во јануари 1923 година. Тој бил и меѓу основачите на Илинденската организација. Марко Иванов починал по тешко боледување на 16 декември 1933 година, како емигрант во Софија. Подготвил: Т.К. |