|
||||
Григор Попев |
Григор Стефанов Попев (1869 – 2. II 1938) е македонски револуционер, член на ЦК на МРО. Од 1892 до 1896 г. бил трговец во Битола и Солун. Тој е еден од првите покрстени луѓе на Орханизацијата. Бил член на ЦК на Битолскиот ОРК и благајник на ЦК на ТМОРО (1896–1901). Григор Попев е роден во 1869 година во Прилеп, во семејството на Стефан и Софија Кочева. Основно образование завршил во родниот град, а потоз завршил 3 клас гимназија во Солун. Тој потекнувал од богато трговско семејство, а подоцна и самиот бил трговец. Во периодот од 1892 до 1896 година бил трговец во Битола, потоа во Солун. Во редовите на Македонската револуционерна организација влегува во 1894 година и заедно со Пере Тошев и Георги Пешков го организира месниот комитет. Ним им се придружил Ѓорче Петров. Во револуционерната организација бил внесен лично од Даме Груев. Со Даме Груев се запознал во 1891 година. во Прилеп, каде што бил учител. Во 1892 година се сретнал во Солун, каде Даме бил лектор во книжарницата на Коне Самарџиев, зет од сестра на Григор Попев. Даме често ја посетувал книжарницата и со Григор почнале да се дружат. Еден ден Даме му кажал дека во Солун бил основан револуционерен комитет. Григор Попев потоа бил еден од првите покрстени луѓе на Организацијата. Тој учествувал во работата на првиот состанок на дејците на ВМОРО во Ресен во 1894 година, кој во историјата останал познат како Ресенски конгрес. Подоцна бил избран за член на Битолскиот окружен комитет, а потоа од крајот на 1896 до 1901 година бил благајник на ЦК на Македонската револуционерна организација. Како близок пријател на Д. Груев бил негова десна рака во Округот. Во 1897 година, Попев дошол во Солун, во периодот кога започнал судирот меѓу Централниот комитет и членовите на Бугарското тајно револуционерно братство. Помошта на Попев во тој судир била голема, бидејќи тој како роднина на Коне Самарџиев, кој е еден од основачите на Братството, навремено дознал за плановите на Братството да се ликвидираат некои од членовите на Централниот комитет. Предвидените ликвидации не се оствариле, а самиот Попев за обидот за ликвидација на Даме Груев истакнал: „Ако го направеа тоа, ние со заби ќе ги раскиневме, а најпрво јас ќе го убиев својот зет Коне Самарџиев“. Григор Попев учествувал во подготовката на Илинденското востание (1903), а по Балканските војни емигрирал во Бугарија. Григор Попев умира на 2 февруари 1938 година во Софија. Подготвил Т.К. |