|
||
| Јордан Грабуловски |
|
Јордан Грабуловски (12. III 1925 - 26. V 1986) e македонски скулптор, член на МАНУ. Учествувал во НОВ, а по војната завршил Академија за ликовни уметности во Белград. Изработил многубројни споменици, користејќи разновидни стилски определби од реализмот и социјалистичкиот реализам (Ваташа, 1962; Белчишта, 1958; Прилеп, 1958; Кичево, 1963; Скопје, 1965) до асоцијативен геометризам (Отешево, 1973; Гевгелија, 1969; Крушево, 1974). Јордан Грабуловски (Грабул) е роден во 1925 година во Прилеп, тогашното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Во средношколските денови, Грабулоски главно се занимавал со цртање пејзажи околу Прилеп. Од овој период од неговото творештво се зачувани седум цртежи, пет пејзажи, еден автопортрет, две скулптури изработени од непечена глина и други дела. За време на Втората светска војна учествувал во НОВ, а по војната, во 1952 година, завршил Академија за ликовни уметности во Белград. Во почетокот на 1950-тите, тој ја следел линијата на реалистичната скулптура, што најдобро се гледа во споменикот на Никола Карев од 1953 година, а потоа ја стилизирал и поедноставил формата („Отпор“, 1961; „Самоник“, 1966). Учествувал на бројни изложби во земјата и во странство. Грабуловски имал самостојни изложби во Скопје (1966, 1970, 1986, 1988 – со ретроспектива 2006), Охрид (1961), Париз (1985), како и колективни изложби во Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Париз, Лондон, Виена, Атина, Венеција, Каиро и други. Тој е автор на бројни споменици низ цела Македонија, од кои најзначајни се: Споменик на првиот штрајк на тутунските работници и на загинатите тутунски работници во НОБ, Прилеп 1958 година; Споменик на Никола Карев, 1953 г.; Споменик на Гоца Делчев; Споменик на Првата Македонско-Косовска Бригада, Сливово; Споменик на револуцијата, Белчишта 1958; Споменик на млади луѓе погубени од бугарскиот окупатор, Ваташа 1962 година.; Спомен-костурница на паднатите борци и жртви на фашизмот, Кичево 1963 година; Спомен-комплекс на НОБ, Бутел (Скопје) 1965.; Споменик на слободата, тврдина Кале (Скопје) 1965.; Споменик на слободата, Гевгелија 1969 г.; Споменик на Преспанскиот совет, Отешево 1973 година; Македониум, Крушево 1974 г. Од особено значење од неговото творештво е монументалниот споменик „Македониум“ во Крушево, посветен на паднатите борци и херои од Илинденското востание (1903) и НОБ (1941-1944). Споменикот беше свечено отворен на Илиндан во 1974 година. Грабуловски бил претседател на Друштвото на уметници на Македонија, директор на Училиштето за применети уметности во Скопје, член на уметничката група „Денес“ и дописен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1981 година. Двапати бил награден со наградата „11 Октомври“, во 1966 и 1970 година. Починал на 26 мај 1986 година во Скопје. Во негова чест, Друштвото на ликовни уметници на Македонија ја доделува наградата за скулптура Јордан Грабул.
Подготвил: Т.К. |