Среда, 11 Јуни 2025    Печати
Стефан Гајдов

Gajdov

Стефан Гајдов (8. VI 1905 - 18. VI 1992) е македонски композитор, диригент и музички педагог. Тој е еден од петтемината основоположници на современиот музички живот во Република Македонија и еден од најистакнатите автори на учебници за музичките и општообразовните училишта по предметот нотно пеење.

Стефан Гајдов е роден на 8 јуни 1905 година во Велес. Од најрана младост покажувал љубов кон музиката. Во 1922 година, заедно со Живко Фирфов, го формирале пејачкото друштво „Гром“. Средно музичко образование завршува во 1929 година во Белград. По завршувањето се вратил во Велес и од 1929 до 1932 година предавал музика во Велешката гимназија.  Во 1930 година го формирал хорот „Јека са Вардара“, на чиј репертоар имало македонски песни. Поради тоа, српските власти го испратиле во Вуковар, каде работел како професор во тамошната гимназија. Од 1932  до 1941 година, тој го водел училишниот хор и оркестар, како и хорот „Радиша“ во Борово.

Во текот на Втората светска војна, од 1941 до 1944 година,  работел како професор по музика и хорски диригент во Женската гимназија во Скопје.

По војната, Гајдов развива мошне плодна и разновидна творечка дејност. Тој е еден од петтемината основоположници на современиот музички живот во НР Македонија. Работел како професор на Средната музичка школа во Скопје, ги водел хоровите: „Владо Тасевски“, „Кочо,Рацин“, Хорот на Универзитетот, Хорот на ЈНА во Скопје, Хорот на Радио Скопје и Хорот на просветните работници.

Во текот на 1951/1952 година Гајдов бил  директор на Операта на МНТ, а потоа од 1955 до 1970 година бил и директор на Десетгодишното музичко училиште во Скопје.

Тој е и еден од најистакнатите автори на учебници за музичките и општообразовните училишта по предметот нотно пеење. Неговите збирки со хармонизирани народни песни во предвоениот период („Леле Јано“, „Ејди Недо“, „Гора и јунак“ и др.) претставуваат успешни хорски минијатури, во тоа време најзастапени во репертоарите на бројните хорски друштва во Македонија. Гајдов е автор и на: солистички, камерни, камернооркестарски дела и на филмска музика.

Стефан Гајдов починал на 18 јуни 1992 година во Охрид.

Tiho copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

Подготвил: Т.К.