Среда, 18 Јуни 2025    Печати
Жамила Колономос

Zamila Kolomonosa

Жамила Колономос – Цвета (19. VI 1922 - 18. VI 2013) е македонска револуционерка и првоборец, професорка по француска филологија, општественик, писател и публицист од еврејско потекло.

Како член на СКОЈ и првоборец од април 1941 година била истакнат организатор на еврејската младина во НОД. Успела да го избегне депортирањето на Евреите од Битола и станала борец на Битолскиот народноослободителен партизански одред „Гоце Делчев“ во април 1943 година. По Ослободувањето била водечки функционер во многу политички, добротворни и општествени здруженија.

Жамила Исак Колономос е родена на 19 јуни 1922 година во Битола, од мајка Естерина Самуел Францес и татко Исак Калеф Колономос. Од целото семејство кое завршило во Треблинка, само таа останала жива и го задржала презимето Колономос. По војната дипломирала на Филозофскиот факултет (Катедра за француски јазик и книжевност).

За време на Втората светска војна, како член на СКОЈ и првоборец од април 1941 година била истакнат организатор на еврејската младина во НОД. Била примена за член на КПЈ во април 1942 година и наскоро преминала во илегалство. Таа успела да го избегне собирањето и депортирањето на Евреите од Битола и во април 1943 година, со неколку другари им се приклучила на партизаните и станала борец на Битолскиот народноослободителен партизански одред „Гоце Делчев“. Подоцна станала заменик политички комесар во Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада и заменик политички комесар на Четириесет и втората (македонска) дивизија на НОВЈ, секретар на баталјонски, бригаден и дивизиски комитет на КПМ. Во декември 1944 година била избрана за член на Окружниот комитет на КПМ во Битола и член на ПК на СКОЈ за Македонија.

По Ослободувањето била функционер на АФЖ на Македонија, секретар на Окружниот народен одбор во Тетово, кандидат за член на ЦК на КПМ (избрана на Првиот конгрес на КПМ) и член на ЦК на КПМ (бирана на Вториот, Третиот и Четвртиот конгрес на ЦК на КПМ/СКМ), началник на Персоналното одделение во Владата на НРМ, член на Агитпроп на ЦК на КПМ, член на Кадровската комисија на ЦК на КПМ, републички пратеник во Собранието на СРМ (во повеќе свикувања), претседател на Сојузот на женските друштва на Македонија, претседател на Републичкиот совет на друштвата за заштита и воспитување на децата и активист на подоцнешниот Советот за грижи и воспитување на децата на Македонија.

Жамила Колономос била избрана за професор емеритус на Катедрата за романска филологија на Филозофскиот факултет во Скопје во 1962 година.

Таа е автор на голем број прилози и книги сеќавања и документи за минатото на Евреите во Македонија, посебно во Втората светска војна и НОБ, за јудеошпанскиот јазик и книжевност (јазикот на Сефардите) и др.

Носител е на Партизанска споменица 1941 и Орден на братството и единството со златен венец.

Жамила Колономос почина на 18 јуни 2013 година во Скопје. Таа била мажена за Аврам Садикарио, со кого го имаат синот Самуел Садикарио..

(Извор: М.Е. том 1, Скопје 2009, стр. 717 -718;  https://holocaustfund.org.mk/posts/details/139)

Tiho copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

Поготвил. Т..К.