Среда, 09 Јули 2025    Печати
Крсте Црвенковски

Crvenkovski

Крсте Трајков Црвенковски (16. VII 1921 – 21. VII 2001) е македонски политичар, припадник на комунистичкото движење, партиски и државен раководител. Учествувал во НОБ (псевд. Стево, Јанко, Богумилски).

По Ослободувањето вршел високи политички и државни функции во Републиката и во Федерацијата. Поради барањето за поголема самостојност на републиките во СФРЈ, дошол во судир со официјалната политика и во 1974 година бил разрешен од сите функции и пензиониран.

Крсте Трајков Црвенковски е роден на 16 јули 1921 година во Прилеп, во занаетчиско семејство. Основно училиште и осум класи гимназија завршил во родниот град. Во меѓувреме, кога гимназијата била затворена, работел во Прилепскиот монопол, каде се запознал со истомисленици и го формирал својот политички став. Како гимназијалец политички дејствувал во Прилеп и потоа во Скопје. Во 1935 година станал член на СКОЈ, потоа на КПЈ и на Месниот партиски комитет во Прилеп во 1939 година.

По завршувањето на средното училиште, во 1939 година, се запишал на Филозофскиот факултет во Скопјe и таму работел во партискиот технички оддел. Во октомври, Крсте испратил  куфер со нелегален материјал до Месниот комитет во Прилеп, но курирот бил фатен на патот. Го предал Крсте, кој од тогаш останал во илегала до окупацијата на Југославија.

Веднаш по бугарската фашистичка окупацијата, се вклучил во подготовката на партиската организација за вооружена борба.  На 11 октомври 1941 година учествувал во нападот на градот. Бил политички комесар на Првиот партизански одред „Гоце Делчев“. Од крајот на годината бил на партиска работа во Западниот дел на Македонија, кој бил под италијанска окупација, каде бил секретар на ОК на КПЈ во Тетово. Во илегалната партиска техника го издавал весникот „Братство“ и други партиски пропагандни материјали.

Во септември 1942 година по предавство во Гостивар бил уапсен и одведен во затворот во Тирана. Во април 1943 година, преку подземен тунел избегал со 27 затвореници и повторно се активирал на истиот терен како секретар на првиот Областен комитет на КПМ. Во декември 1943 година  го организирал Основачкиот конгрес на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ) во Фуштани, бил избран за секретар, подоцна и за претседател. По капитулацијата на Италија бил поставен за организационен секретар на СКОЈ за Македонија, а од јуни 1944 година за заменик-политички комесар на Првата македонско- косовска бригада.

По Ослободувањето вршел високи политички и државни функции во Републиката и во Федерацијата: член и претседател на Владата на НР Македонија, министер за образование и култура во Владата на СФРЈ, политички секретар на ЦК на КПМ, член на Извршното биро на ЦК на СКЈ, потпретседател на Претседателството на СФРЈ.

На почетокот на 1970-тите години се истакнал како либерален и водечки македонски реформски комунист. Поради поддршката на предводниците на Хрватската пролет, како и барањето за поголема самостојност на републиките во СФРЈ, дошол во судир со официјалната политика и во 1974 година. бил разрешен од сите функции и пензиониран.

Крсте Црвенковски починал на 21 јули 2001 година во Скопје.

Носител е на Партизанска споменица од 1941 година и други југословенски одликувања. Тој беше одликуван со Орден за народен херој на 27 ноември 1953 година и со Орден за херој на социјалистичкиот труд на 22 јули 1969 година.

(извор: „М.Е. том 2, Скопје, 2009, стр. 1605-1606)

Tiho copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

Подготвил: Т.К