|
||
| Спасе Мартинов |
|
Спасе Мартинов (23. VII 1872 – Софија, 30. XII 1937) е македонски револуционер, учител, член на ЦК на ТМОРО (1901–1902). Завршил словенска филологија во Софија. Присуствувал на Солунскиот конгрес на ТМОРО (1903). Пред Илинденското востание бил затворен. По востанието бил во Задграничното претставништво на ТМОРО во Софија. Спасе Михајлов Мартинов е роден на 23 јули 1872 година во градот Битола, за време на Отоманската империја. Завршил прогимназија во Битола, а потоа учел во педагошкото училиште во Силистра. По завршувањето, продолжил да учи Вишо училиште во Софија и кога истото се затворило, заминал во Белград. Но, поради српската пропаганда повторно заминал за Бугарија, каде во 1896 година дипломирал словенска филологија на Универзитетот во Софија. Потоа работел како учител во Солунската машка гимназија. Покрај учителската работа, тој активно се вклучил во револуционерното дело на Македонската револуционерна организација. Станал член на ЦК на ТМОРО 1901/1902 година. Како секретар на ЦК, тој со уште двајца, како преставник на Задграничното претставништво, бил испратен во мисија во Софија за да преговараат со Врховниот комитет. За време на Солунската афера од јануари 1901 година, однапред бил информиран од Иван Хаџиниколов за апсењата од страна на турската полиција и успеал да се скрие. Оттаму, тој отишол да работи како учител во Одринската машка гимназија, каде што во 1901 година станал претседател на Одринскиот окружен револуционерен комитет. Во април 1902 година, во Пловдив, учествувал на конгресот на Одринскиот окружен комитет заедно со Гоце Делчев и Михаил Герџиков, каде што бил избран за член на окружниот комитет. Спасе Мартинов присуствувал на Солунскиот конгрес на ТМОРО во 1903 година. Во пролетта, пред Илинденското востание бил затворен од турските власти и потоа под притисок на дипломатите бил ослободен. По ослободувањето заминал за Софија, каде пред востанието собирал оружје, вооружувал чети и ги испраќал до границата. По востанието бил во Задграничното претставништво на ТМОРО во Софија. Во 1904 година учествувал во подготовката на чети што требало да влезат во внатрешноста на Македонија. Потоа, неможејќи да се врати во Македонија, работел три децении како учител во трговската гимназија во Свиштов, без притоа да ја прекине својата активност во Македонската револуционерна организација. Во Бугарија, Спас Мартинов бил долгогодишен активист на Илинденската организација и претседател на Свиштовското Македонско Добротворно Братство. Спас Мартинов починал во Софија на 30 декември 1937 година. (извор: М.Е. том II, стр. 923, Скопје 2009; „Илустрацја Илинден“, книга 1 (101), Илинденска организация, Софија, Јануари 1939. Стр. 4 - 5. ) подготвил: Т.К.
|