Среда, 09 Март 2016    Печати
Малме

Од далечен југ,
од Македонија некаде,
јас,
како стара птица
со орелски крилја,
од јужните гнезда
на Константин Миладинов
со тага
во Малме,
во Шведска
долетав...
    
Шетаме со синот
во Центарот на градот
кај споменикот
на кралот Август,
шетаме крај езерото
во Пилдемс Парк,
а јас, восхитен,
помислив
дека сум галеб
кој долета во убавините
на рајската градина...

Малме е наша иднина,
Шведска,
наша нова татковина,
мил дедо,
ми шепоти внукот,
мојот малечок внук
и со прстето ми го покажува
небодерот Турнинг Торзо,
а со очињата ме упатува
да погледнам
во новото време
и ги слушнам
новите песни
на Евровизија
во Арена „Малме“…

Не слушам ништо
и не гледам ништо,
о, внуку мој,
но длабоко нешто
во душата ми збори:

Го сакам Малме,
Шведска ја сакам,
зашто морето,
Балтичкото Море
и кога е замрзнато
се ваша иднина,
а за мене старецот,
за нас дојденците,
за мене Силјан Штркот
од светот на минатото,
од светот на хаосот
и темнините.

Шведска е нов Нобел,
нов пат кон рајот
и светлината на небото
а Македонија
ми е и сон
и љубов
и над љубовта
света љубов:
ах, орелски криља
как да си метнех
и в наши стрни
да си прелетнех!

24.02. 2016  
    
Pande Manojlov
Панде Манојлов