Среда, 29 Јуни 2016    Печати
Куќа параброд

Можеби
тоа беше
нашата куќа,
нашиот дом
во кој ќе векуваме,
можеби
тоа беше
куќа -
укотвен параброд
со кој допловил
прадедо ми
колку да мине војната
Првата Балканска,
Втората Балканска,
Првата светска,
Втората светска,
колку да мине ропството
те турско,
те триш каурско...    
Можеби,
таа куќа
беше само колиба,
во колибата -
ние и сиромаштијата,
во пондилата - добитокот,
надвор -
злодоба и арамии,
кодоши и заптии,
милиционери и шпиони...
Ако,
велеше дедо ми,
ќе мине и ова,
само
огиштето да не згасне
и крстот на црквата
да не падне...
Беше таа куќа палата
на надеж и топлина,
беше таа куќа
наша татковина,
куќа параброд
на отворено
Македонско море!

Pande Manojlov-180
Панде Манојлов