Среда, 08 Февруари 2017    Печати
ВРАТЕТЕ СЕ ОД КАЈ ШТО ДОЈДОВТЕ

Црни врани и гаврани
со остри зинати клунови
и мрачни закрвавени очи,
се симнавте од небото
и по земја на две нозе одите
како предвесници на злото
испратени овде од демони
за да не изблуете со горчини,
со жолтила и со црнила
од вашите затруени утроби.

И барате туѓи гнезда
за вашите јајца кукавички
во нив да ги подметнете,
оти сте исти со кукавиците
и од нивниот сој испилени,
па наместо свои да градите
на нашите сте се настрвиле
за да ги снесете своите
шупливи бесплодни сматоци
празни како што ви се душите.

Сте се намерачиле на нас
да ни ги загадите полињата
и земјата да ни ја испоганите,
да ни го засените сонцето
оти од светлина се плашите,
да ни ги заматите водите
оти само во матно пливате,
оџаците да ни ги урнете
за да ни згаснат огништата
и да ни се изладат домовите.

Ај соберете си ги јатата
заедно со вашето проклетие
и вратете се од кај што дојдовте,
во вашите мрачни пештери
кај што летаат само лилјаци,
и никогаш не заборавајте,
ние доволно пилци си имаме
раскрилени и разлетани
белокрили гулаби миротворци
и јата извишени песнопојни.

rozita-hristovska
Р. Христовска,
17.12.2016