Среда, 05 Април 2017    Печати
ТЕШКОТО НАШЕ

Ечат камбани.
Реки народ по улиците
со притоки од сокаците
се збираат во едно.
Сред плоштадите
цело едно море.
Грмеж на тапани.
Секој удар тежок ко камен
се зарива в срце и длаби,
но и буди искри в очи.
И душата грми
и татне и боли.
Тешкото се игра.
Стројни мажи со бујна става
се фатиле еден до друг
со пламен во градите.
Вивнал непокорот
со лавовска гордост.
Старци белокоси.
Со грутки заглавени
низ сувите дамари
и запаметени неправди.
Тетовирана голгота
и чемерни спомени.
Мајки траурни.
Со шамии забрадени
и пресушени солзи
од болка по чедата.
Да не им се залудно
животите згаснати.
Морници по кожата.
Треморно пулсирање
на илјадници срца
што бијат во ист ритам.
До светот испратена порака
да се поклони пред вистината.
Светлина од свеќи.
Шепот од женски усни
со молитва тивка
да не удри брат врз брата.
Небото да ја чуе,
сонце да не’ огрее.

rozita-hristovska
Розита Христовска