Среда, 24 Мај 2017    Печати
ДОСТА Е - ДОСТА СМЕ

На Гане Тодоровски

Да ни е да сме доста,
а доста сме
и Бистра да ја разбистриме
и Вардар да го повардариме,
со еделвајс на Вапцаров
и Пирин да го попириниме,
со Гоцева мисла
и Егеј да го поегејчиме,
та светот да го направиме
поле за натпревар на светлината...

Да ни е да сме доста,
а доста сме на ден денешен
колку да си го потемниме небото,
колку да си ги изматиме бунарите,
колку од луди ветришта
од лунки да полудиме
та и Црна да ја поцрниме
од Железнец до камено доба
од кусур банди
и триш повеќе пропаганди...

Ти ги земам зборовите,
думите ти ги земам,
стиховите - тестамент
ти ги помнам, поету,
драг пријателу,
драг Гане, ој, бесмртен Драгане,
мислите ти ги помнам
дека сме малцичка од народ
кој севезден го бројат
како стадо Исусово...

Рече Tи и прорече:
колку сме, толку сме - токму сме!
И аманет остави -
да ја љубиме татковината!
А, јас, стареам пријателе,
или од старост ветреам
та се прашувам гласно:
што со ова наше денешно денес
дали токмуто е токму
кога брата безмерно брата мрази?

Pande ManojlovПанде Манојлов

09.05.2017.