Среда, 10 Јули 2019    Печати
НА СЕВЕР НИШТО НОВО

pm

Панде Манојлов

НА СЕВЕР НИШТО НОВО

Ај, мајката,
ај, стопанкина му,
ај, пустињата...

Роден беше дедо ми,
во турско, 1892,
и никогаш не му дадоа
ни крстениче,
ни тескере...

Тој знаеше што е,
но војни како војни,
кој дојди така пиши го:
едните Грк,
другите Србин,
третите Бугарин,
четвртите Југословен...

И сите тескере му даваа,
сите војнички униформи,
сите и име и презиме
му менуваа
а, тој,
само своето си го признаваше!

И султани смени,
и кралеви смени,
и цареви
и претседатели
и маршали смени
а тој ист си остана:

ЈАНЕ МАНОЛЕ
нѐ, граѓанин,
туку селанец
и земјоделец
на својата земја -
МАКЕДОНИЈА!

Ај, мајката,
ај, стопанкина му,
ај пустињата,
сиктер сите,
така до крајот на животот
велеше!