Среда, 31 Јули 2019    Печати
ИЛИНДЕН, ИЛИНДЕН, ТИ СИ НАШ ВЕЛИГДЕН, ЗА ТЕБЕ ПЕЕМЕ, И СЕ ГОРДЕЕМЕ

Marko KitevskiПроф.Др. Марко Китевски

ИЛИНДЕН, ИЛИНДЕН, ТИ СИ НАШ ВЕЛИГДЕН,
ЗА ТЕБЕ ПЕЕМЕ, И СЕ ГОРДЕЕМЕ.

(Од химната „Илинден“ на Јосиф Чешмеџиев)

ПИПЕРКАТА ВО ПРИБИЛЦИ

Ај излези Ѓурѓо, ај излези сестро,
Ај излези, џанам, на сред село,
Да и видиш, Ѓурѓо, комитите.
Да и видиш, Ѓурѓо, да и видиш, сестро,
Да и видиш, џанам, комитите,
Комитите, Ѓурѓо, востаниците.
Ред по редом, Ѓурѓо, ред по редом, сестро,
Ред по редом, џанам, девет реда,
Ред по редом, џанам, девет реда.
Напред оде, Ѓурѓо, напред оде, сестро,
Напред оде, џанам, војводата,
Напред оде, џанам, Пиперката.
И по него Ѓурѓо, и по него, сестро,
И со него џанам, бајрактарот,
И со него, џанам, бајрактарот.
Ќе ми одат, Ѓурѓо, ќе ми одат, сестро,
Ќе ми одат, џанам, во Прибилци.
Во Прибилци, Ѓурѓо, кај мудурот,
Да му платат, Ѓурѓо, да му платат, сестро,
Да му платат, џанам, вергијата,
Да му платат, џанам беделите.
Вергијата, Ѓурѓо, вергијата, сестро,
Вергијата, џанам, с тешки бомби,
Беделите, Ѓурѓо, с тешки пушки.
(Пеана три дена по Илинденското востание)
Од збирката „Б’лгарски народни песни от Македонија“, с’брал Панчо Михајлов, Софија, 1924.
Бедел-замена, давачка, што наместо во натура се плаќала во пари;
Вергија – давачка, данок.
Забелешка: Во некои варијанти од оваа песна, особено некои во последно време популарни верзии се прават суштински грешки. 1. Се пее „да му платат вересијата“ што е грешка, треба вергијата. 2. Се пее напред оди Бајрактарот Јордан Пиперката, што исто така е грешка. Јордан Пиперката не бил бајрактар туку војвода. Бајрактар било посебно лице кое што го носело бајракот и се грижело за него.

Панчо Михајлов е еден од најистакнатите борци за ослободувањето на Македонија од поилинденскиот период. Роден е во Штип во 1888 година. Убиен е во Софија во 1925 година. Како што самиот пишува во воведниот текст од збирката „песните се запишани главно во следните околии: Штипска, Скопска, Кратовска, Кочанска, Паланечка и Царевоселска-Малешевска“.
По еден повод Панчо Михајлов има запишано: „Каков треба да биде револуционерот? Меѓу многуте позитивни квалитети што треба да ги има се и следните: интелегенција, широка и божествена култура, да е тивок, спокоен, цврст, со широка култура итн.
Тој што со својата култура не ја опфаќа културата на народот сред којшто работи, тој не може да биде револуционер. Секој што во револуционерството не гледа идеја, творештво, тој не може да биде револуционер – носител на бесмртни идеи.
Нека секој Македонец си го заземе своето место во револуционерната организација, без да пројавува амбиции за лидер. Македонија нема потреба од лидери, туку од доблесни борци. Да не се заборави дека македонското дело се создаде од борци. Секој што мисли поинаку, не го исполнил својот долг кон Македонија.“