Среда, 16 Септември 2020    Печати
Панде Манојлов: МАЈКА МИ

1p1Панде Манојлов

МАЈКА МИ

Беше мала по раст,

ситничка, дробничка,

со големо срце

и душа

полна со добрина

како и сите мајки

од Македонија...

На лошото

враќаше со арно

и благослов,

на душманите

ако, им велеше,

има кој да ни суди,

и клетва не фрлаше,

како и сите

напатени мајки

од Македонија...

Само пишаното

од Бога не си го знаеше

и мене, синот,

тажно ме прашуваше :

Писмен си, синко,

пеан си,

ја, прочитај во книгите,

во Светото писмо,

зошто така ми е пишано,

да се родам

во Оштима, костурско,

да живеам

во Породин, битолско,

а да умрам

во Мелбурн, Австралија?

Во книгите

ништо не прочитав,

во Светото писмо

за пишаното на мајка ми

ништо не најдов,

како некој да ја избришал

добрината,

како некој да ги избришал

солзите

на многу мајки

од Македонија!

09. 09. 2017. Панде Манојлов