Среда, 03 Март 2021    Печати
А бре Македонче
111hqdefault
 
А бре Македонче е македонска народна песна, од патриотски, борбен карактер, химна на партизанското движење во Македонија, која потекнува од периодот на НОБ за време на Втората светска војна. Песната е многу популарна и денес се смета за народна песна, иако е создадена од Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцка. Таа е напишана во Прилепско, два месеци пред македонската химна Денес над Македонија.
 
Песната е создадена во периодот меѓу 23 октомври и 8 ноември 1941 година, кога ја имала својата прва изведба во прилепското село Царевиќ, на првиот народен собир (митинг) во фашистички поробената Македонија.
 
Хроничарите на НОБ, Коце Солунски и Љубен Георгиески - Љупта, во своите дела и сведоштва за формирањето на првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ и неговото дејствување, зборуваат и за создавањето на оваа песна.
 
На 23 октомври 1941 година, при формирањето на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ во месноста кај манастирот кај велешкото село Степанци, тројца борци добиле задача да создадат песна, што ќе биде химна на одредот и со која требало да се изидигнува борбениот морал на борците, а воедно, да се поттикнува населението за вклучување во партизанското движење. Задачата им била доверена на Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски - Оцка.
 
А бре, Македонче, каде се спремаш?
Бојот те чека, бој за слобода.
 
Бој за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.
 
Мажи накитени, жени наредени,
в борба ми одат, борба за слобода.
 
Нека разберат денешните тирани,
Македонско име нема да загине!
 
https://www.youtube.com/watch?v=8mCwn_ZVjNo