|
Натаму – в поле битолско чемрее врба проклета – под врбата незнаен гроб, в гроб лежи војник непознат. Лежи од војна световна, лежи – и веќе земјосал – силно го тога изела задека тука загинал. Никој крај него немаше – вишното небо врз него, земјата скришна под него – над гробот врба стушена. А таде – в гори зелени в сума гробишта лежеа делии – одбор јунаци за татковината паднати. В полноќ се над ним дрвјата од жалба силно свиваа – горските бистри езерца в силна светлина светеа. И од ним – самовилите една по една идеа – од гроб до гроб го дигаа јунак до јунак – на оро. И кога сите минеа покрај врбата стушена – делии се запираа незнаен брат си викаа: “Ја стани, море, јабанец на оро со самовили! зора се зори – петлите скоро ќе в село пропеат!” А тој од гробот тепкаше дума врз дума чемерна: – “Минете, браќа, врвете, Не сум ви лика – прилика! Кој умрел за татковината и за човечки правдини – каде вас, братко, не гинел, со вас до векот живеел. Вие му песна пеете, вие го со песна жалите – така се сите раѓате и така си умирате! А тука – зожто паднав ја? зошто ме куршум прониза, зошто ме земја притисна – за кого лудо загинав? Кажете, браќа, кажете, кажете – па поминете – мене ме ништо не дига, мојата смрт е – карасмрт!” Делии глави веднеа, немеа самовилите – тешко на тија, горко им така што гинат на војна!
Коста Солев Рацин
|