Среда, 20 Октомври 2021    Печати
Посилил се црна Арапина

crna-arapinaПосилил се црна Арапина,
Посилил се низ Солунско Поле
Како тешка могла низ полето
Таке тешка мока на народот.
Не дават овци да пасет,
Овци да пасет, в кшли солунски
Прибират млади стројни девојќи,
Стројни девојќи и млади невести.
Бегат од него турско, каурско,
Никој на мегдан да му излезе.
Накачил еднаш црна Арапина,
Накачил горе трло Ѓурчиново:
- Дајте овчари, јагне печено,
Јагне печено, ушче сугарче,
Пресна погача од невеста месена,
Вино црвено од три години,
Лута ракија-препеченица.
Овчари кротки се му дадое,
Кога ми втасал Ѓурчин Кокале,
Опаша силаф-појас посрмен,
На појасот сабја наточена,
Па се фрлил коњу в половина,
Дрпна узда, дупна узенгија
И префтаса црна Арапина.
Па задене борба на друм царски
На арслани коњи, коњи бинекчии,
На коњите два јунака славни,
Бој се биет касно до вечера,
Слнце зајде, црна глава падна.

Оваа песна е испеана од Ефто Кокалески, забележана од д-р Александар Матковски, објавена во неговата книга Ѓурчин Кокалески (1775-1863), ИНИ, Скопје, 1959, 201