Среда, 22 Декември 2021    Печати
Елегии за тебе (1, 3, 6)

1kos121

„Чернеј горо, чернеј сестро!...“

Вчера си појдоф, наминаф
низ таја гора зелена
пот тиа буки високи
по килим сенки широки.

Одеф со глава замаен
наведнат, мртов, зачмаен,
одеф со грутка на срце
и каракамен на гради.

Деј гиди горо зелена!
Деј гиди водо студена!
Пилците пеат  –  ти плачеш,
слнцето грее  –  ти темнеш.

Ако ги криеш коските
на дели млади јунаци
тука што лежат по тебе
за тиа темни дубрави  –
зошто ги таеш песните?
Зошто по тебе дрвјата
и на дрвјата гранките
и на гранките лисјата
шумолат скришно таговно?

Два брега  –  двата стрмнини.
А от брег на брег танок мост.
Пот мостот вода морава  –
тече и мие ранава.

Тече от векот вековит
и нова и ’се по нова,
тече, а тука маките
’се стари и ’се постари.

Тече и влече со себе
сичко што стои пред неа,
а на брегови животот
чмае у троскот зараснат!

Течи си водо студена!
Течи си – рони брегови!
Течи – и нам низ срцето
нели и крвта ни тече?


Исцедете, ограбете
пот и труд и меса голи,
уста пуста затворете
да не каже оти боли.

Очи црни ископајте
да гледајат не давајте,
раци машки прекршете
срце лудо наранете.

Угаснете и светлини!
Мрак да биде  –  каракамен.

Има, има  –  в темнината
нешто живо пак да свети:
има болка на душата
има души наранети.

Болка боли  –  болка гори
болка пече, душа мори.
А болката кога свети  –
тешко, тешко, тешко клети!

Коста Кочо Солев Рацин