Недела, 12 Април 2026    Печати
Христос Воскресе! Навистина Воскресе!

Veligden

Искрени честитки до Неговото Блаженство г.г. Стефан, Архиепископ на МПЦ-ОА, до митрополитите, епископите, свештениците, монасите и монахињите на Македонската Православна Црква-ОА, до политичките партии, како и до сите православни верници во Македонија, во Егејска и Пиринска Македонија, Мала Преспа, Гора и дијаспората, по повод најголемиот христијански празник–Воскресението Христово, Велигден.

Во духот на Велигден, спомнувајќи го Христовото страдање и со надеж во радосната вест за Неговото Воскресение, да се потсетиме на историските искушенија и страдања низ кои поминал македонскиот народ.

Богоугодно е да се сака својот род и таа љубов да се споделува со другите. Зашто оној што нема чувство за својот народ, не може да има вистинско чувство ни за другиот.

Секој човек има своја мисла и свое убедување. Но, многумина стануваат едно кога ги обединува силна идеја, силна вистина како Македонија.

И кога не се согласуваме, кога имаме различни политички ставови или идеологии, едно мора да нè обединува–иднината на Македонија. За неа постоиме и за неа мораме да работиме.

Секој од нас дал онолку колку што можел. Ако немаме доблест да ги почитуваме заслугите на другите, тогаш барем да не ги оцрнуваме. Тоа не ѝ служи на Македонија.

Македонците се народ даден да сака, да создава и да дарува. Ние сме гостопримливи, чесни и добродушни–и така треба да остане низ времето.

Да го сочуваме достоинството создавано низ вековите и да го исполниме долгот кон македонскиот дух и код што го носиме во себе.

Македонската света земја не е подарена–таа ни е оставена како аманет. Нека се почитува, нека се сака и нека се негува, но нека се знае дека во секој нејзин дел живее духот на древниот македонски народ.

Да создаваме, зашто така се остваруваме како луѓе со добра мисла и Божји благослов–за чест на нашите предци, за доброто на сегашноста и за иднината на генерациите што доаѓаат.

Честит празник Воскресение Христово-Велигден!

Христос Воскресе!
Навистина Воскресе!