Четврток, 21 Април 2011    Печати
Велигденска честитка

Happy_Easter_vn-1Велигденска честитка од директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска

 

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска по повод Велигденските празници испрати честитка до поглаварот на Македонска православна црква - Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски Г.г. Стефан и до сите христијански веници.

- „Со особена радост и задоволство во пресрет на празнувањето на најголемиот христијански празник ХРИСТОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ – ВЕЛИГДЕН, кој со својата неповторливост повеќе од две илјади години е темел на христијанството во светот, дозволете ми Вам лично, на членовите на Светиот Синод на православните верници на МПЦ во земјата и во странство и на сите христијани, од името на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и од мое лично име да Ви го честитам ВЕЛИГДЕН и да Ви посакам здравје, благодет, Христова љубов, а на сите граѓани спокој во секој дом и во сечие срце. Возвишен  е овој ден зашто е празник во кој торжествува животната радост и од кој што извираат љубовта и надежта. Ден кој ја роди и ја раѓа богоугодната радост. За да го доживееме и ние воскресението Христово, потребно ни е да се утврдуваме во вистината и правдата, да растеме во љубовта и благочестието, во трпението и милосрдието - да живееме во верата со добри дела. Само доколку нашиот живот го красат такви добродетели тогаш сме ја разбрале смислата на нашето постоење.
Овој голем христијански празник е можност да ја истакнам мојата длабока увереност дека Македонската православна црква и понатаму ќе продолжи со натамошно ширење и јакнење на верата, во јакнење на наионалната, меѓунационалната и мулти-конфесионалната толеранција, како и во зачувување и развивање на нашиот културен и национален идентитет, само така, обединети околу учењето на Христа - нашиот спасител можеме заедно нашата татковина да ја направиме поубава за сегашните и идни генерации. Прославувајќи го Христовото воскресение ја славиме безусловната љубов и мирот меѓу сите луѓе на светот. Затоа да бидеме благодарни на Неговата милосрдност и бескрајна љубов.

Нека ни е честит Великиот ден-Воскресение Христово и нека Господ нé обдари со сила, верба и благослов, за да го сочуваме, негуваме  она што ни го дал како наследство, чекорејќи по тој пат праведно, одговорно и чесно. Нека е за многу години големиот празник! ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!“, се наведува во честитката од директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска