Среда, 05 Јануари 2022    Печати
САВО КОСТАДИНОВСКИ: НАРОДНИТЕ ПРАЗНИЦИ И ОБИЧАИ ВО МАКЕДОНИЈА

1Savo

САВО КОСТАДИНОВСКИ

НАРОДНИТЕ ПРАЗНИЦИ И ОБИЧАИ ВО МАКЕДОНИЈА

 

Со Христовата света рожба,

а со него и христијанската вера,

целиот свет зачекорил

во ново време, во нова ера.

Се родиле и низа празници редум,

во чест на Христос и Богородица света.

Ги празнува нив и македонскиот народ,

како сите христијани по цела планета.

Кога црковни, кога народни празници;

кога обичаи, познати од века;

ги слави нашиот македонски народ -

со искрена радост постојано ги чека.

 

БАДНИК

Во чест на христовото рождество,

нашиот Бог вечен,

секоја година се празнува

бадникова вечер.

Молбено, пред икона

секој пали свеќа.

За деца, за млади и стари,

секој да има среќа.

Се дели кравајче со сребрена пара,

„касмет“ за оној што ја зеде!

Надвор се пали коледарски оган,

и гласно се пее „Коледе-леде“!

Вечерта свечена вечера следи,

пред јадење се моли и се крсти,

во име на христијанската вера,

во име на трите крстни прсти.

 

БОЖИК

Ние, христијаните од целиот свет,

со гордост Божик го славиме,

и на таков величествен начин

голема почит му оддаваме.

На Божик е роден Христос

од Богородица Марија Света,

и за себе оставил слава

за многу вечни лета.

Во името на божјиот син

уште многу празници празнуваме:

Велигден, Ѓурѓовден, Спасовден,

Крстовден, Духовден, сите ги чествуваме.