Порталот „Македонска нација“ е местото каде што се објавува вистината за Македонија

Порталот „Македонска нација“ е местото каде што се објавува вистината за Македонија.

„Македонска нација“ е широка национална трибуна на која може да соработува секој Македонец и Македонка кои сакаат да работат за доброто и за среќата на својата нација. На македонската национална кауза може да ѝ служи секој чесен Македонец, без разлика на неговите филозофски погледи, идеолошки убедувања или партиска припадност.

Велат: годините се менуваат, но болките остануваат. И тоа е точно. Сега, во времето на демократијата во Европа, ние повторно се соочуваме со истите, само модифицирани болки. Повторно некој сака да каже дека сме нешто друго. Повторно некој сака да ни го одземе чувството на среќа. Повторно некој сака да ја менува историјата, да ги занемарува фактите и да ги извртува нештата.

Ние знаеме дека сме Македонци. Знаеме дека не можеме да бидеме ништо друго – ништо освен Македонци. Големи или мали, како сакате! Ете затоа, повторно се слуша гласот на Македонецот. Ете затоа, повторно се раѓа „Македонска нација“.

Овој пат многу послободен, за да може да зборува за себе, за вистината, за Македонија. Да ги истражи и да ги објави сите неправди и сите злодела што со години наназад ни биле правени, а кои никој не сакал да ги слушне. Да ја објави вистината за Македонија, колку и да е таа болна за некого. Да се чуе гласот на секој Македонец – овде во нашата татковина, но и во дијаспората, во Пиринска и Егејска Македонија, како и на Македонците во Албанија. Тоа им го нуди нашиот портал.

Порталот „Македонска нација“ е местото каде што се објавува вистината за нашата држава. Место каде што секој ќе си го најде своето катче.

За да нема тајни мисли. За да нема задкулисни игри, на кои ние, Македонците, отсекогаш сме биле жртви. За да нема прогон. За да нема осуда. Затоа што мислата мора да живее. Сонот мора да се реализира. Татковината мора да опстои, а ние Македонците мора да се бориме за да нè биде!

Тоа е пораката која мора да ја носиме сите во нас. Таа е водилка низ мачнината која повторно ни се случува.

Македонија вечна! АМИН!

To top