Мане Јаковлески:
„Годините се менуваат, но нашиот стремеж останува ист – да го чуваме гласот на секој Македонец, каде и да се наоѓа.“
По почитувана пауза во објавувањето, искрено ви се извинуваме за застојот и ви благодариме за трпението, довербата и за поддршката која ни ја дававте.
Од денес, се враќаме со нов, помодерен изглед и со обновена енергија – подготвени да продолжиме со објавување содржини, анализи и ставови од суштинско значење за Македонија и за Македонците ширум светот.
Воедно, упатуваме отворен повик до сите кои сакаат да соработуваат со нас: испраќајте ваши текстови, размислувања и информации поврзани со Македонија, Македонците во дијаспората, Егејска и Пиринска Македонија, Мала Преспа и Гора на нашата е-пошта: novo_skopje@yahoo.de
Вашиот глас е важен. Заедно да создадеме силна и достоинствена национална трибина.
Кратко потсетување за нашите корени и континуитет:
-
1971 година: Објавен е првиот број на печатеното издание, гласник на ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија), со главен уредник Драган Богдановски.
-
2009 година: „Македонска нација“ продолжува како портал, со главен и одговорен уредник Мане Јаковлески и администратор Дејан Донев.
-
2026 година: Продолжуваме со нов лик, но со истиот стремеж и посветеност. Главен и одговорен уредник: Мане Јаковлески, технички уредник: Дејан Донев.
Порталот „Македонска нација“ (www.mn.mk) е местото каде што се објавува вистината за Македонија. Тоа е широка национална трибина во која може да соработува секој што сака да придонесе за доброто и за среќата на татковината. На македонската национална кауза може да ѝ служи секој чесен човек, без разлика на неговата партиска или верска припадност.
Велат, годините се менуваат, но болките остануваат. И денес, во време на демократија, повторно се соочуваме со истите, само поинаку обликувани предизвици. Повторно некој се обидува да нè негира. Повторно некој се обидува да ни го одземе чувството на припадност, да ја менува историјата, да ги занемарува фактите и да ја извртува вистината.
Но, ние знаеме кои сме. Знаеме дека сме Македонци и дека не можеме да бидеме ништо друго. Ете затоа, повторно е тука „Македонска нација“ – овој пат уште послободна да ја изнесе вистината која со децении се криеше. Да ги истражи и објави неправдите, колку и да се тие тешки или непријатни за некого.
„Македонска нација“ е место каде што секој може да се пронајде. Место без задни намери и скриени агенди. Место каде што мислата е слободна и каде што се слуша гласот на Македонецот.
Вистината и мислата мора да живеат. Татковината мора да опстои. А ние, мора да се бориме за да нè биде!
Македонија вечна! АМИН!
Напомена за читателите:
Ве информираме дека сите текстови од претходната верзија на порталот и понатаму се достапни. Истите може да ги пронајдете преку копчето „АРХИВА“, кое се наоѓа во горниот десен агол на новиот веб-сајт.

Главен и одговорен уредник: Мане Јаковлески
Технички уредник: Дејан Донев