Градскиот совет ги покани македонските играорци повторно да настапат на парадата Мумба во 2027 година, со дозвола да го истакнат знамето со Ѕвездата од Кутлеш.
Градот Мелбурн на 16 ноември 2026 година официјално ѝ се извини на македонско-австралиската заедница поради одлуката со која во март на македонските учесници на парадата Мумба им беше забрането да го носат знамето со Ѕвездата од Кутлеш. Како што објави ABC News, Градскиот совет ја призна болката што одлуката ѝ ја нанела на заедницата и ги прифати препораките од независната ревизија.

Во март 2026 година неколку македонски културно-уметнички друштва, организирани од ФОМКУД – Викторија, требаше да настапат заеднички на парадата. Градскиот совет им забрани да го носат знамето со 16-кракото сонце, повикувајќи се на правила за употреба на културни и регионални симболи што ги сметал за чувствителни поради спорот меѓу Грција и Македонија.
ФОМКУД и играорните групи одлучија да го откажат настапот бидејќи сакаа да се претстават со своите обележја, меѓу кои и знамето со Ѕвездата од Кутлеш. Според ABC News, одлуката опфатила околу 80 играорци кои со месеци се подготвувале за парадата. По жалбите поднесени од ФОМКУД, случајот беше предмет на независна ревизија.
По ревизијата, Советот повторно ги покани играорците на ФОМКУД да настапат во 2027 година и им дозволи да го истакнат знамето.
Панмакедонската асоцијација на Мелбурн и Викторија изрази загриженост поради тоа што пред донесувањето на одлуката не биле одржани консултации.

Повеќе од шест децении македонски ора на Мумба
Македонските играорни групи учествуваат на парадата Мумба од 1960-тите години. Со народните ора, музиката и носиите, тие станаа препознатлив дел од мултикултурната прослава во Мелбурн, чија парада привлекува до 200.000 посетители.
Корените на фестивалот се поврзуваат со прославата на 50-годишнината од Австралиската федерација во 1951 година, кога во Мелбурн се одржала парада и била изведена претставата „Абориџинска Мумба: Надвор од темнината“. Во 1954 година, посетата на кралицата Елизабета II привлекла илјадници луѓе во центарот на градот. Градскиот совет и Здружението за развој на градот ја препознале можноста за годишна прослава, а првиот фестивал Мумба официјално бил отворен во 1955 година.
Честитки до македонската заедница во Викторија за оваа победа. На играорците им посакуваме успешен настап во 2027 година, со македонските ора, носии и знамето со Ѕвездата од Кутлеш.
