Коментари

Полска им подаде рака на нашите деца – Македонија тоа го памети!

Мане Јаковлески

Мане Јаковлески

Според сведоштвата на луѓе што живееле во близина на „Болница 250“, ноќе од болницата се слушале детски гласови: „Мајко, мајко!“ Децата биле далеку од дома, а во болката и стравот го повикувале оној што најмногу им недостасувал.
Полските лекари, сестри и негователки биле покрај нив во тие тешки ноќи. За таа грижа и човечност, Македонија им должи благодарност што не згаснува.

Има благодарности што не можат да се искажат со една реченица. Тие живеат во семејните спомени, во старите фотографии и во гласовите на луѓето што, и по многу години, со солзи раскажуваат кој им помогнал да преживеат.

За време на Граѓанската војна во Грција, многу деца прогонети од Егејска Македонија биле одвоени од своите родители. Замислете мало дете што заминува од дома без да знае каде оди. Се врти уште еднаш да ја види мајка си. Не знае дали и кога повторно ќе ја прегрне. Можеби е премало дури и да праша зошто татко му не доаѓа со него.

Дел од тие деца пристигнале во Полска. Таму не го знаеле јазикот. Немале свој дом. Но полскиот народ им ги отворил вратите и срцата. Добиле храна, засолниште, училиште и лекарска грижа. Добиле нешто што во тие мигови им било потребно: човечка топлина.

Никој не можел да им ја врати мајчината прегратка. Но некој можел да го нахрани гладното дете. Да го покрие кога му е студено. Да му ја избрише потта од челото кога гори од треска. Да седне покрај неговиот кревет додека не заспие.

Тоа го правеле полските лекари, медицински сестри, негователки, воспитувачи и учители. Секој со својата грижа им помагал на децата да го издржат она што ниедно дете не треба да го доживее.

Полска им подала рака и на ранетите, болните и изнемоштените. Во 1949 година, во Џивнув, на островот Волин, била организирана тајната „Болница 250“. Таму биле лекувани луѓе пристигнати од Граѓанската војна во Грција, меѓу нив и бројни Македонци. Некои починале далеку од својот роден крај и биле погребани во Џивнув.

Еден од лекарите што се грижеле за нив бил Владислав Барчиковски (Władysław Barcikowski). За болницата и за луѓето што минале низ неа тој оставил сведоштво во книгата „Грчката болница на островот Волин“. Зад секој запис стои човек со свое име, свое семејство и надеж дека ќе оздрави.

При неговиот престој во Македонија во 2010 година, Барчиковски бил одликуван со Повелба на Република Македонија за грижата за Македонците во Полска и за придонесот кон пријателството меѓу двата народа.

Но нашата благодарност не е упатена само кон едно име. Таа е упатена кон секој лекар што лекувал, секоја медицинска сестра што бдеела покрај болните, секоја негователка што утешила расплакано дете. Кон секој учител што стрпливо му помогнал да го најде своето место во новата средина. Кон секое полско семејство што му покажало дека, и далеку од дома, не е само.

Тоа човекољубие го паметиме и денес.

Полска е пријател и значаен поддржувач на Македонија на нејзиниот европски пат. Но за семејствата на прогонетите, врската со Полска има и длабоко лично значење. Таму нивните најблиски биле пречекани и згрижени во годините кога биле најранливи.

Затоа сум благодарен и за поддршката што Полска му ја даде на Петро Алексовски, за неговото дело да стигне до јавноста. Петро е роден во Полска, но во себе ја носи приказната за Егејска Македонија, наследена од своите најблиски. Преку документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, семејниот спомен станува сведоштво за многу семејства.

Во неговото дело ги препознаваме децата што заминале, мајките што ги чекале и потомците што сè уште ги бараат своите корени. Петро можел тие спомени да ги остави меѓу старите фотографии. Наместо тоа, ги споделил со сите нас. За да сведочи. За да не бидат заборавени.

Ништо не може да ја избрише болката од разделбата. Децата растеле без своите родители. Мајките живееле без нивните гласови во домот. Некои повторно се сретнале. Други цел живот чекале средба што никогаш не дошла.

Токму затоа мора да го паметиме и она што се случило по разделбата: кога нашите деца биле далеку од своите мајки и татковци, полскиот народ бил покрај нив.

Од срце им благодарам на лекарите, медицинските сестри, негователките, воспитувачите, учителите и на полските семејства. Им благодарам на сите што им дале грижа и љубов на нашите деца.

Им благодариме и за поддршката на Петро Алексовски и за помошта ова сведоштво за судбината и страдањата на прогонетите Македонци од Егејска Македонија да допре до пошироката јавност.

Полска им подаде рака на децата прогонети од Егејска Македонија кога им беше најтешко.

Македонија тоа го памети.

Полски народе, ти благодариме од срце!

Најново од: Коментари

Пророштвата на Голем Александр (Александар Македонски) – видението за вековите и иднината на Македонија

Во Венеција во 1845 година јеромонахот Атанас Македонец го објавил „Пресказание на Голем Александр“ (Александар Македонски), пренесувајќи старо претскажување што, според прологот на книгата, било пронајдено при ископување во Вавилон, во златна кутија, а потоа преведувано на повеќе јазици. Возбудливо видение што му се припишува на Александар Македонски. Текстот е подолг, но вреди да се […]

Голема е надежта дека „Маркова Нога“ повторно ќе ја поврзе Преспа

Во Долна Преспа, недалеку од селото Долно Дупени, се наоѓа „Маркова Нога“ — место на границата меѓу Република Македонија и Грција. За Македонците од двете страни на границата, отворањето на граничниот премин е надеж што трае со децении. Овој дел од брегот на Преспанското Езеро, со поглед кон егејскиот дел на Македонија и Мала Преспа, […]

Парадокс на модерното вре

Нашата иднина нема да се мери со брзината на преносот на податоци, туку со капацитетот да останеме луѓе во дигиталната пустина. Додека во прастаро време луѓето биле принудени да комуницираат за да преживеат (лов, заштита), денес комуницираме постојано, но често сме соочени со осаменост и дигитална презаситеност. Технологијата ни овозможи да бидеме поврзани со целиот […]

Времето работи за Македонија

Можат сите по список да се наредат — од најгласните „патриоти“ па сè до нашите најголеми негатори, ете, и самите Грци и Бугари. Ама баш сите можат да речат што сакаат, арно или лошо за Македонија. Меѓутоа, една е вистината: полека, но сигурно, Македонија си тера напред, а ќе почне и позабрзано да напредува за […]

Не знаел Зоран Заев за корупцијата и националните предавства во својата влада?

Каде и да се отвори истрага, излегуваат сомнежи за корупција, криминал и злоупотреба на службената должност од времето на владеењето на СДС и ДУИ. Зоран Заев дојде на власт со ветување дека ќе се бори против криминалот и дека институциите ќе работат за граѓаните. Денес, кога се отвораат предмети за злоупотреби од времето на владите […]

Пред фактите и боговите молчат

Со децении на Балканот историјата се толкува низ интересите на државите и политиката. Затоа, ако сакаме да ѝ се приближиме на вистината, не треба слепо да веруваме ниту на грчката, ниту на бугарската, ниту на српската, ниту на која било друга национална историографија. Треба да ги гледаме фактите, старите карти, археологијата и документите. Еден факт […]

Историјата во сегашноста

Често можеме да ги слушнеме изреките: „Остави го минатото, гледај во иднината“ или „Минатото не носи ништо ново“. Но, токму во минатото сме се родиле, сме израснале, сме ги поставиле темелите на она што сме денес и сме стекнале искуства што нè водат низ животот. Минатото е исто толку важно како сегашноста, а можеби понекогаш […]

Атанас Македонец за Александар Македонски и „патридата Македониа“

Во 1845 година, во Венеција, јеромонахот Атанас Македонец го објавил „Пресказание на Голем Александр“. Особено значење има неговиот предговор, во кој Македонија ја нарекува своја „патрида“, а за Александар пишува како за човек „од истата земја“. Овој запис од XIX век претставува значајно сведоштво за присуството на Александар Македонски во книжевната и културната меморија во […]

To top