Филипче и раководството на СДС сè повеќе потсетуваат на ловџија кој цел ден седи во заседа, чекајќи да му се појави некое диво животно. Кога конечно животното ќе се приближи, ловџијата ја крева пушката, нишани, повлекува чкрапало, но наместо истрел – тишина. Пушката е празна!
Токму така изгледа политичкото дејствување на Филипче и СДС во последните две и пол години. Секојдневно бараат нова тема, нов повод и нова можност за напад врз Владата. Штом ќе помислат дека пронашле нешто со кое ќе го вознемират народот, веднаш следуваат прес-конференции, соопштенија, драматични изјави и обвинувања.
Настапуваат со самоувереност како веќе да ја убедиле јавноста, како да откриле невиден скандал. Но, тогаш следува демант, се изнесуваат факти и бројки, а наводниот скандал почнува да се распаѓа. СДС уште извесно време се обидува да ја одржува темата во живот, но кога ќе стане јасно дека повторно пукале со празен фишек, едноставно ја напуштаат.
Нема извинување, нема објаснување, нема одговорност за изнесените тврдења. Како ништо да не се случило. Наместо тоа, повторно се враќаат во политичката заседа и чекаат да се појави некое ново „диво животно“, односно нова тема со која ќе се обидат да ја нападнат Владата.
Еден од последните примери е случајот со Алта банка. Откако со денови се обидуваа да конструираат политички скандал, обвинувајќи ја банката за перење руски пари и повикувајќи се на наводна забрана за нејзино работење во Австрија, а целата нивна конструкција не го даде посакуваниот ефект, сега направија целосен политички пресврт. Одеднаш почнаа да се грижат за сопственикот Мацула, тврдејќи дека Македонија наводно ќе му ја продадела банката премногу евтино. Бог да чува! Замислете го апсурдот: до вчера Мацула им беше сомнителен сопственик, банката ја поврзуваа со перење руски пари и криминал, а денес одеднаш стануваат негови најгласни адвокати и го бранат неговиот капитал. Кога политичката конструкција ќе им се урне, останува само едно – да ја сменат приказната и да се преправаат дека претходно ништо не кажале. Политички автогол во сопствена режија!
Слична е ситуацијата и со темата за внесувањето на Бугарите во Уставот. И таа тема во еден период беше постојано присутна во политичките настапи на СДС. Се зборуваше за европската иднина, за уставните измени и за неопходноста од нивно донесување, а секое отстапување од нивната политичка позиција се претставуваше како кочење на европскиот пат на Македонија.
Но, каде е таа тема денес? Последниве месеци и таа како да ја подзаборавија?. Ја нема истата политичка драматизација, нема секојдневни предупредувања ниту постојано повторување на старите пораки. Секако, прашањето за бугарите во уставот не исчезнало од политичката реалност, ниту е решено. Но, исчезна од првите редови на секојдневната опозициска реторика.
Има уште една тема на која Филипче и СДС ѝ дадоа голем публицитет, а која во последно време исто така почна да ја снемува од нивниот политички репертоар. Тоа е нивната посакувана политичка домино-приказна: „Падна Орбан, падна Вучиќ, сега е на ред Мицкоски!“
Ако веќе политичките промени во соседството и пошироко ги претставуваат како најава за политички промени во Македонија, тогаш логично е да се потсетиме и од каде започна нивното домино. Прво падна владата на СДС, предводена од Заев, потоа дојдоа политичките промени во Унгарија, па во Србија.
Сега, наместо секојдневно да ја повторуваат паролата дека по Орбан и Вучиќ е на ред Мицкоски, темата сè поретко се слуша. Изгледа и оваа ловџиска приказна почна да ја губи муницијата.
А не се забораваат ниту најавите за илјадници мигранти кои наводно требало да влезат во Македонија. Се создаваше атмосфера на страв и неизвесност, се пласираа драматични тврдења и се обидуваше да се убеди јавноста дека зад сè се крие некаков таен договор на Владата. Кога не се појавија докази што би ги потврдиле тие тврдења, темата постепено исчезна.
Потоа следуваа тврдењата дека нема пари за плати и пензии, дека буџетот е празен и дека државата се наоѓа пред финансиски колапс. Повторно се обидоа да создадат паника кај граѓаните, особено кај пензионерите и вработените, како секој момент да се очекува финансиска катастрофа.
Но, што се случи? Платите и пензиите продолжија редовно да се исплаќаат. Ниту еден денар од средствата на граѓаните не беше загрозен. Наместо најавуваниот финансиски колапс, над 300 илјади пензионери добија вкупно покачување на пензиите од над 7.000 денари.
И тука доаѓаме до едно важно прашање: како очекуваат граѓаните да им веруваат кога за секоја нова тема настапуваат како да откриле историски скандал, а за претходната никогаш не даваат завршна сметка?
Но, има уште нешто што СДС упорно го избегнува. Кога веќе толку често држат прес-конференции и зборуваат за состојбите во државата, зошто барем еднаш не одржат прес-конференција за состојбата во која ја оставија Македонија по седумгодишното владеење?
Зошто не зборуваат за започнатите, а незавршени проекти наследени од предходната влада на ВМРО-ДПМНЕ?
За милијардите евра задолжувања и каматите што останаа како обврска за државата и за граѓаните?
Зошто не ги отворат прашањата за нереализираните ветувања и наследените проблеми со кои мораше да се соочи новата Влада?
Не може седум години да управуваш со државата, да оставиш низа нерешени проблеми, недовршени проекти и големи финансиски обврски, а потоа да се однесуваш како да си опозиција која за првпат слуша дека Македонија има наследени проблеми.
А најновиот лов на Филипче и СДС се кравите во Крива Паланка.
Со денови ја вртеа оваа тема, како да станува збор за најголемиот државен проблем, а не за локално прашање што, пред сè, треба да го решава градоначалникот на Крива Паланка. Кога Владата предложи решение за проблемот, наместо да го поздрават и да се вклучат во неговото спроведување, од СДС го отфрлија предлогот.
Очигледно, тие имаат некоја своја иновативна замисла како треба да се реши проблемот. Можеби веќе смислиле и подобро решение. Којзнае, можеби одлучиле да почнат да ги молзат, а од млекото да произведуваат квалитетно сирење.
А ако сирењето излезе навистина добро, можеби ќе им помогне да добијат и нови идеи за следните партиски соопштенија – нова заседа со истата празна пушка!