Предлогот да биде доставен до претседателот на државата, владата, дипломатскиот кор, пред се од ЕУ, министерствата за внатрешни и надворешни, за правда, секако и до Венко Филипче, претседателот на СДС!
Евеја причината зошто ја предлагаме оваа „мудра“ идеја: во Македонија се случи сообраќајна несреќа со смртен исход, во која животот го загубил градежен работник од албанска националност. Ива Михајлова, која е со бугарска самосвест, наместо да ја чека судската разврска, со помош на нејзиниот адвокат и со будното око на бугарските разузнавачки служби, (бугарската УДБА) на необичен начин била префрлена во Бугарија.
Истрагата покажала дека Ива Михајлова и нејзиниот адвокат не биле евидентирани на редовен граничен премин, ниту на македонска ниту на бугарска страна. Постојат сомневања дека границата ја поминале на нерегуларен начин, со можна помош од бугарски структури и дипломатско возило.
Но, наместо во центарот на вниманието да останат сообраќајната несреќа, загинатиот човек и судската постапка, приказната во Бугарија добива сосема поинаква димензија: Македонија ги прогонува Бугарите!
Дополнително, во приказната се појавува и таткото на Ива, Симеон Михајлов, кој е правосилно осуден на 12 години и шест месеци затвор во предметот „Детонатор“, но избегал слично како Ива и нејзиниот адвокат и слободно се шета во Бугарија. Инаку, не станува збор само за овие два случаи – и во минатото имаше повеќе вакви примери.
Затоа имаме идеја за да нема вакви сучаи во иднина а со тоа да ги унапредиме добрососедските односи со Бугарија, а притоа и да ги растовариме македонските затвори, предлагаме да се формира посебна државна комисија (слична на онаа за заедничка историја) а за претседател го предлагаме Зоран Заев.
Комисијата секое утро во македонските затвори и во судовите да ги прашува осудените или обвинетите дали некој од нив се разбудил со бугарска самосвест. Секој што ќе одговори потврдно веднаш да биде ставен на списокот за заминување во Бугарија.
Со ваквото решение сите би биле задоволни, освен можеби семејствата на оштетените. Но, кој ги прашува нив кога е во прашање добрососедството со Бугарија.
Првото прашање би било:
„Дали утрово се разбудивте со бугарска самосвест?“
Ако одговорот е „не“ – таквиот се враќа назад во ќелијата или судењето продолжува!
Ако одговорот е „да“ – честитки! Осудениот или осомничениот веднаш се става на списокот за трансфер во Бугарија, во тој случај и судењето или казната веднаш се запира!
А ако затвореникот или обвинетиот сè уште не е осознаен дека има бугарска самосвест, нека му се даде можност уште две три ноќи да преспие пред да ја донесе конечната одлука.
Предлагаме за сите кои се одлучиле да заминат за Бугарија, Македонија да обезбеди бесплатни автобуси со клима-уреди, за патувањето да им биде поудобно и да не нè оцрнуваат кога ќе пристигнат во Бугарија поради лошиот превоз. Трошоците да бидат на товар на државата, или донација од ЕУ.
Исто така, предлагаме во автобусите до самата граница да има и музичка група, чија обврска ќе биде попатно да се пее пригодна песна за патувањето. Бидејќи железничката пруга не е завршена: „Автобусот, браќа, тргнува право за Бугарија.“ би била најсоодветна за оваа пригода, а после граница самите патници да продолжат да ја пеат песната „Една мисла имаме, еден живот живееме, Бугарија цела да е, секој да ја знае.“
Ќе заборавевме, по пат до границата на секој патник да му се даде сендвич и пијалак, за да не нè обвинат и за дискриминација. И уште една важна забелешка за организацискиот комитет: меѓу патниците ќе има и осуденици од муслиманска вероисповед, па треба да се внимава сендвичите да не бидат со свинско месо, да не направиме и гастрономски дипломатски скандал!
Исто така предлагаме, комитетот за испраќање на самоосвестените Бугари, пред автобусот да влезе на бугарска територија, на секој патник да му подели брошура со наслов: Како за едно утро да се разбудите како Бугарин.
Автори: Зоран Заев и војводата ЉуБчо кој се освестил дека е Бугарин дури откако разбрал каква „катастрофална“ грешка направил матичарот – наместо ЉуБчо, погрешно му го запишал името ЉуПчо.
На граничниот премин од македонска страна, за да не се создаваат непотребни гужви, да има и посебна лента со натпис: „Само за самоосвестени Бугари!“, исто како што има посебен премин за државјани на ЕУ!
А ако Европската Унија навистина ја препознае вредноста на овој предлог, можеби Македонија конечно ќе стане пример за европска иновација – како од судски проблем да се направи дипломатски успех, а притоа сите да бидат задоволни!