Европската Унија постојано се повикува на договорените обврски од 2022 година и бара Македонија да ги исполни преземените обврски, вклучително и уставните измени со кои Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав.
Брисел тоа го претставува како услов за продолжување на европскиот пат на Македонија, повикувајќи се на договорената преговарачка рамка.
Но, тука се наметнува едно суштинско прашање: дали договорените обврски ја ослободуваат Европската Унија од одговорноста доследно да ги штити човековите права и во сопствените земји членки?
Како е можно Брисел со толкава решителност да бара уставно вклучување на Бугарите во Македонија, а истовремено да не покажува еднаква политичка решителност кога станува збор за правата на Македонците во Бугарија?
Ова не е прашање за избегнување на преземените обврски, ниту за оспорување на правата на која било заедница. Напротив, станува збор за принципот на еднаквост. Ако Европа бара Македонија да ги почитува правата на Бугарите, тогаш истото треба да го бара и од Бугарија во однос на Македонците.
Европските вредности не можат да бидат обврска само за земјите што чекаат пред вратите на Унијата, а препорака за оние што веќе седат внатре.
16 пресуди од Стразбур, а проблемот и понатаму останува
Прашањето за правата на Македонците во Бугарија не е ново, ниту е производ на моменталните политички недоразбирања меѓу Скопје и Софија. За тоа сведочат и 16-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во корист на македонските здруженија во Бугарија, донесени поради повреда на правото на слободно здружување.
Од нив, 11 се однесуваат на ОМО „Илинден-ПИРИН“, чија прва пресуда датира од 2001 година, а останатите пет на „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и други подносители на тужби.
И покрај обврската за спроведување на овие пресуди, бугарските власти продолжуваат да одбиваат регистрација на македонските здруженија. Значи, не станува збор за некакво политичко тврдење на македонската страна, туку за судски утврдени повреди на Европската конвенција за човекови права.
Особено загрижува фактот што проблемот трае повеќе од две децении. Првата пресуда за ОМО „Илинден-ПИРИН“ е донесена во 2001 година, а ниту таа ниту последователните пресуди во корист на организацијата не биле спроведени до моментот на објавување на извештајот во октомври 2022 година.
Тука мора да се направи една важна институционална разлика. Европскиот суд за човекови права донесува пресуди, но нема извршна моќ да го наметне нивното спроведување. За надгледување на извршувањето е надлежен Комитетот на министри при Советот на Европа. Тоа, сепак, не ја менува обврската на Бугарија да ги спроведува донесените пресуди.
Според податоците објавени во октомври 2022 година, Бугарија тогаш имала околу 170 неспроведени осудителни пресуди од Стразбур, а за изгубени случаи пред Судот исплатила вкупно околу 11 милиони евра отштета. Овие податоци дополнително покажуваат дека проблемот со почитувањето и спроведувањето на пресудите не е изолиран случај.
Тогаш зошто Европската Унија не покажува споредлива политичка решителност кон својата членка? Ако од Македонија се бара исполнување на политички договори, зошто од Бугарија не се бара доследно спроведување на правосилните судски пресуди?
Двојни стандарди што ја поткопуваат довербата во Европа
Бугарија е полноправна членка на Европската Унија од 2007 година. Нејзините обврски во однос на демократијата, човековите права и владеењето на правото не се помали од оние на Македонија. Напротив, токму како членка треба да биде пример за почитување на европските принципи.
Македонија има право да очекува доследност од европските институции. Ако уставното вклучување на Бугарите се поставува како европско прашање, тогаш и слободата на Македонците во Бугарија да го изразуваат својот идентитет, да формираат здруженија и да ги остваруваат своите права мора да биде дел од европската агенда.
Договорените обврски од 2022 година не можат да бидат алиби за премолчување на нерешените прашања за човековите права во земјите членки.
Европа не може од Македонија да бара докажување на европските вредности, а истовремено да ги премолчува нивните повреди во Бугарија.