Коментари

Полска им подаде рака на нашите деца – Македонија тоа го памети!

Мане Јаковлески

Мане Јаковлески

Според сведоштвата на луѓе што живееле во близина на „Болница 250“, ноќе од болницата се слушале детски гласови: „Мајко, мајко!“.
Децата биле далеку од дома, а во болката и стравот го повикувале оној што најмногу им недостасувал – Мајката.
Полските лекари, сестри и негователки биле покрај нив во тие тешки ноќи. За таа грижа и човечност, Македонија им должи благодарност што не згаснува.

Има благодарности што не можат да се искажат со една реченица. Тие живеат во семејните спомени, во старите фотографии и во гласовите на луѓето што, и по многу години, со солзи раскажуваат кој им помогнал да преживеат.

За време на Граѓанската војна во Грција, многу деца прогонети од Егејска Македонија биле одвоени од своите родители. Замислете мало дете што заминува од дома без да знае каде оди. Се врти уште еднаш да ја види мајка си. Не знае дали и кога повторно ќе ја прегрне. Можеби е премало дури и да праша зошто татко му не доаѓа со него.

Дел од тие деца пристигнале во Полска. Таму не го знаеле јазикот. Немале свој дом. Но полскиот народ им ги отворил вратите и срцата. Добиле храна, засолниште, училиште и лекарска грижа. Добиле нешто што во тие мигови им било потребно: човечка топлина.

Никој не можел да им ја врати мајчината прегратка. Но некој можел да го нахрани гладното дете. Да го покрие кога му е студено. Да му ја избрише потта од челото кога гори од треска. Да седне покрај неговиот кревет додека не заспие.

Тоа го правеле полските лекари, медицински сестри, негователки, воспитувачи и учители. Секој со својата грижа им помагал на децата да го издржат она што ниедно дете не треба да го доживее.

Полска им подала рака и на ранетите, болните и изнемоштените. Во 1949 година, во Џивнув, на островот Волин, била организирана тајната „Болница 250“. Таму биле лекувани луѓе пристигнати од Граѓанската војна во Грција, меѓу нив и бројни Македонци. Некои починале далеку од својот роден крај и биле погребани во Џивнув.

Еден од лекарите што се грижеле за нив бил Владислав Барчиковски (Władysław Barcikowski). За болницата и за луѓето што минале низ неа тој оставил сведоштво во книгата „Грчката болница на островот Волин“. Зад секој запис стои човек со свое име, свое семејство и надеж дека ќе оздрави.

При неговиот престој во Македонија во 2010 година, Барчиковски бил одликуван со Повелба на Република Македонија за грижата за Македонците во Полска и за придонесот кон пријателството меѓу двата народа.

Но нашата благодарност не е упатена само кон едно име. Таа е упатена кон секој лекар што лекувал, секоја медицинска сестра што бдеела покрај болните, секоја негователка што утешила расплакано дете. Кон секој учител што стрпливо му помогнал да го најде своето место во новата средина. Кон секое полско семејство што му покажало дека, и далеку од дома, не е само.

Тоа човекољубие го паметиме и денес.

Полска е пријател и значаен поддржувач на Македонија на нејзиниот европски пат. Но за семејствата на прогонетите, врската со Полска има и длабоко лично значење. Таму нивните најблиски биле пречекани и згрижени во годините кога биле најранливи.

Затоа сум благодарен и за поддршката што Полска му ја даде на Петро Алексовски, за неговото дело да стигне до јавноста. Петро е роден во Полска, но во себе ја носи приказната за Егејска Македонија, наследена од своите најблиски. Преку документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, семејниот спомен станува сведоштво за многу семејства.

Во неговото дело ги препознаваме децата што заминале, мајките што ги чекале и потомците што сè уште ги бараат своите корени. Петро можел тие спомени да ги остави меѓу старите фотографии. Наместо тоа, ги споделил со сите нас. За да сведочи. За да не бидат заборавени.

Ништо не може да ја избрише болката од разделбата. Децата растеле без своите родители. Мајките живееле без нивните гласови во домот. Некои повторно се сретнале. Други цел живот чекале средба што никогаш не дошла.

Токму затоа мора да го паметиме и она што се случило по разделбата: кога нашите деца биле далеку од своите мајки и татковци, полскиот народ бил покрај нив.

Од срце им благодарам на лекарите, медицинските сестри, негователките, воспитувачите, учителите и на полските семејства. Им благодарам на сите што им дале грижа и љубов на нашите деца.

Им благодариме и за поддршката на Петро Алексовски и за помошта ова сведоштво за судбината и страдањата на прогонетите Македонци од Егејска Македонија да допре до пошироката јавност.

Полска им подаде рака на децата прогонети од Егејска Македонија кога им беше најтешко.

Македонија тоа го памети.

Полски народе, ти благодариме од срце!

Најново од: Коментари

Уште колку ЕУ ќе нè тапка по рамо?

Европската идеја има смисла ако ги зближува народите и го почитува нивното достоинство. Македонија заслужува јасен и праведен пат до членство, по кој ќе оди со реформи и со зачуван македонски идентитет. За идеите во минатото се гинело, а за нив се гине и денес. Тие ги движат луѓето, ги обединуваат народите и го менуваат […]

Филипче, рејтингот на СДС не се крева со сирена за тревога

Дали Филипче навистина мисли дека патот до повисок рејтинг води преку повисок притисок кај граѓаните? Дека секоја вознемирена фамилија е потенцијален глас, секој исплашен пензионер — политичка добивка, а секој загрижен штедач — публика за следниот настап? СДС на чело со Филипче остава впечаток дека отвори дежурна служба за најавување пропаст. Телефонот постојано ѕвони, сирената […]

За овој настан Македонија нема да бара од Бугарија заедничко историско чествување

На 11 септември 1995 година, на аеродромот кај Штрклево, близу Русе, се собрале околу 3.000 илјади луѓе за да пречекаат вонземјани.  Според архивскиот весникарски напис, околу 3.000 луѓе пристигнале од Варна, Разград, Русе и околните села. Поводот бил најавата дека точно во 11 часот ќе слетаат посетители од наводната планета Криси за да и помогнат […]

Да се препознаеме по човечноста

„Ако чувствуваш болка, жив си. Ако чувствуваш туѓа болка, тогаш си човек.“ – рекол Лав Толстој Сфаќањето и практиката на хуманоста во светот денес се наоѓаат на важна крстосница. Глобално гледано, на хуманоста се гледа низ призмата на зголемена емпатија и поврзаност, но и низ сериозни предизвици наметнати од модерното секојдневие, технологијата и кризите. Технологијата […]

Четири штетни одлуки – сметка што ќе ја плаќаат генерации

Приватизацијата од деведесеттите години, територијалната организација од 2004 година, промената на уставното име во 2019 година и Договорот со Бугарија од 2017 година се четирите најштетни политички одлуки на СДС за Македонија. Првата го засегна општествениот капитал, а другите државното уредување, уставното име и заштитата на македонските национални интереси. Последиците ги надминаа мандатите на властите […]

Бранислав Светозаревиќ-Покорни: За поимите „народ“ и „нација“

Бранислав Светозаревиќ Во интерес на читателот, сметаме дека е потребно да дадеме извесни објаснувања за термините за етничките заедници низ историските периоди на овие простори, со кои се среќававме во нашето истражување, како и за поимите „народ“ и „нација“ што ги подразбираме во оваа студија. Иако главниот акцент на оваа книга се однесува на идентитетското […]

Чудата на Свети Димитрија

Во редот на најзначајните хагиографски трудови од рановизантиската литература спаѓаат и „Чудата на Свети Димитрија” (Miracula Sancti Demetrii) се три збирки од која првата ги опфаќа „Чудата” што се однесуваат на периодот од крајот на VI до 20-тите години на VII век. Неа ја составил солунскиот архиепископ Јован, современик на овој период. Втората збирка ги опфаќа […]

Македонија, парче од рајот што треба сите да го почитуваме

Ми пукна филмот од Али Ахмети што ја отвора историјата само кога му треба аргумент за дневна политика. Али, кога зборуваш за тоа кој е староседелец во Македонија, што добиваат граѓаните од тоа твое тврдење, освен дека тоа е твоја провокација? И што, според тебе, добива оној што ќе го прогласиш за постар од соседот? […]

To top