Портпаролката на СДС, Богданка Кузеска, побара Јавното обвинителство да отвори истрага поради наводите за префрлање големи суми пари преку Алта банка од Србија на сметки на правни лица во Македонија.
Но има ли некој во раководството на СДС што ќе постави прашања и за парите што излегувале од Македонија додека партијата беше на власт?
Читам и не можам да поверувам со каква леснотија креваат политичка тревога за прилив на средства од соседна Банка. А каде е истата гласност за сомнежите за изнесување и перење милиони од државата? Каде беа барањата за итни истраги за перење пари, носени во куфери надвор од Македонија?
Ако загриженоста им е принципиелна, нека побараат целосна проверка и на сомнителните одливи преку фирми и посредници во Бугарија, Кипар и други држави. Колку пари излегле, по која основа и кај кои крајни сопственици? Дали зад трансакциите стоеле реални деловни активности или извлекување пари на штета на граѓаните?
Нека се утврди дали во периодите кога СДС ја имаше власта, преку незаконски зделки биле изнесувани милиони, па и стотици милиони евра, кој се збогатувал и дали институциите потфрлиле.
Што всушност им пречи на СДС?
Можноста капитал да влезе во Македонија во време кога тие се опозиција? Толку ли партиската нетрпеливост им го потиснала умот за државен интерес, што приливот на средства однапред го претвораат во политичко обвинение?
Борбата против криминалот бара ист аршин и кога проверката ги погодува политичките противници и кога допира до сопствените редови.
Ако интересот на Македонија им е поважен од дневната пресметка со власта, од СДС нека побараат еднаква проверка на сомнителните приливи и одливи и за време на нивното седумгодишно владеење.
Банкарските трансфери оставаат трага — од каде доаѓаат парите и каде завршуваат. Нека се испитаат и тие, но и сомнежите за пари изнесувани со куфери, надвор од законските процедури. Ако СДС бара одговорност, нека ја бара за сите.
Селективната загриженост остава впечаток дека партиската корист им е поважна од државата.