На 31 октомври, односно на 18 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува споменот на светиот апостол и евангелист Лука. Лекар, благовесник и верен соработник на светиот апостол Павле, тој оставил трајно сведоштво за Христовото учење и за ширењето на христијанството.
Според православното предание, свети Лука бил вброен меѓу Седумдесеттемина апостоли.
Преданието го поврзува и со средбата со воскреснатиот Христос на патот за Емаус, заедно со Клеопа. Својот живот го посветил на помагањето и на проповедањето на верата. Останал покрај Павле и во тешките мигови, кога дел од неговите соработници го напуштиле.
Светски истражувачи тврдат дека апостол Лука е по потекло Македонец.
Според истражувањата наведени во овие толкувања, тој не бил роден во Антиохија, туку во Македонија, иако тогаш и во Антиохија претежно живееле Македонци.
Лука е автор на третото Евангелие од Новиот завет, наменето за христијанските заедници составени од луѓе со претходни пагански верувања. Во него особено место имаат милосрдието, простувањето, грижата за човекот, молитвата и улогата на Светиот Дух.
Токму во неговото Евангелие се зачувани параболите за милостивиот Самарјанин и за блудниот син – раскажувања што со векови потсетуваат на љубовта кон ближниот, покајанието и силата на простувањето.
Неговото второ големо дело, „Делата на светите апостоли“, го продолжува раскажувањето за животот на Црквата по Христовото вознесение. Во него се опишани апостолската проповед, создавањето на христијанските заедници и патувањата преку кои Евангелието се ширело меѓу народите. Во некои изданија на Библијата, Евангелието според Лука и „Делата на светите апостоли“ биле претставени како една книга.
За Македонија оваа книга има посебна духовна и историска вредност. Во тоа време Македонија била во составот на Римската Империја и низ времето ги менувала своите граници и етничкиот состав. Едно од првите споменувања на апостолските патувања во Македонија се наоѓа токму во „Делата на светите апостоли“.
Додека престојувал во Троада, Павле имал ноќно видение во кое еден Македонец го повикал да дојде во Македонија:
„…на Павле му се јави ноќно видение: некој Македонец застана пред него и му се молеше, велејќи: Дојди во Македонија – помогни ни! И кога го виде видението, веднаш побаравме да отидеме понатаму во Македонија, заклучувајќи дека Бог нè повикал да им го проповедаме Евангелието.“
Според една од теориите, Македонецот од Павловото видение бил лично Лука.
По видението, апостол Павле и неговите блиски соработници – Сила, Тимотеј и Лука – тргнале од Троада, преку Самотраки и Неапол, кон Филипи (Дела 16, 11–12), град што се наоѓал на околу 15 километри од брегот на Егејското Море.
Филипи станал првиот град во Европа во кој било проповедано и прифатено христијанството и каде што била формирана првата христијанска црковна заедница на европскиот континент. Така македонската земја станала едно од првите средишта на апостолската проповед во Европа.
Во „Делата на светите апостоли“, Филипи е опишан како прв град во тој дел на Македонија и како римска колонија (Дела 16, 12). Изразот „прв“, како што се заклучува според старите монети, се употребувал како епитет за главните градови на провинциите, но и за други значајни градови. Таков бил и Филипи, градот на Филип и Александар Македонски.
Свети Лука се смета и за основоположник на христијанскиот иконопис. Како добар живописец, ја насликал Богородица со Исус, а подоцна и светите апостоли Петар и Павле. Овие икони се сметаат за први рачно изработени христијански икони.
По смртта на апостол Павле, Лука ја продолжил проповедта на Евангелието во Италија, Далмација и Македонија.
Доживеал длабока старост, останувајќи верен на Христовото учење. Според едни извори, на 84-годишна возраст бил мачен и обесен на маслинка, а според други починал од природна смрт. Неговото тело, за време на императорот Константин Велики, било пренесено во Константинопол и погребано во црквата на Светите апостоли, заедно со телата на свети Андреј Првоповикан и свети Тимотеј.
Празникот на свети Лука нè потсетува на верата што се потврдува со дела: со грижа за болниот, со подадена рака кон ближниот и со истрајност во доброто.
За Македонија, неговото дело е и драгоцено сведоштво за длабоките корени на христијанството на нашата земја.
Нека е честит и благословен празникот на светиот апостол и евангелист Лука!