На прво место Коментари

23 Октомври – завет за слобода, повик за единство и одговорност кон Македонија

Мане Јаковлески

Мане Јаковлески

На 23 октомври 2026 година се навршуваат 133 години од основањето на Македонската револуционерна организација-ВМРО. Нивниот завет нè повикува да ја чуваме Македонија, да го почитуваме жртвуваното и со чесна работа да ја градиме иднината на поколенијата што доаѓаат.

На 23 октомври 1893 лето Господово, во Солун, шестмина македонски дејци ги поставија темелите на Организацијата:

– Даме Груев, од Смилево, Битолско;
– д-р Христо Татарчев, од Ресен;
– Петар Поп Арсов, од Богомила, Велешко;
– Иван Хаџи Николов, од Кукуш;
– Антон Димитров, од Ајватово, Солунско;
– Христо Батанџиев, од Гуменџе.

Нивната решителност отвори ново поглавје во македонската историја. Стремежот кон слободата доби организирана сила и завет што го прифатија генерации Македонци. Затоа 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, го чествуваме со благодарност кон основоположниците, со поклон пред жртвите и со одговорност пред идните поколенија.

На повикот на Организацијата му се придружија илјадници следбеници. Учители, занаетчии, селани, работници и млади луѓе го вложија своето знаење, својот труд и својот живот во ослободителното дело. Низ македонските градови и села се ширеше вербата дека народот има право самиот да одлучува за својата судбина.

Многумина паднаа, оставајќи ги своите коски низ напатената македонска земја. Зад нив остануваа ожалостени мајки, семејства и деца, но и нова решителност борбата да продолжи. Ни затворите, ни измачувањата, ни гладта, ни смртта не успеаја да го згаснат стремежот кон слободата.

Организацијата низ времето ги менуваше своето име, својата поставеност и начините на дејствување. Нејзината историја познава подеми и падови, единство и поделби, големи подвизи и тешки трагедии. Во народното паметење, четирите букви ВМРО и девизата „Слобода или смрт“ останаа длабоко врежани како симболи на македонскиот непокор.

ВМРО е идеја и завет за слободна Македонија, за достоинство на македонскиот народ и за право сами да одлучуваме за својата иднина.

Во тој завет ги препознавам саможртвата, чесноста и одговорноста кон татковината. Неговата сила се мери со подготвеноста да му се служи на народот и да се истрае тогаш кога целта изгледа далечна.

Македонското ослободително дело носеше и стремеж за поправедно општество. Солидарноста и повикот за заедничка борба на населението во Македонија, без оглед на верската и етничката припадност, најдоа силен израз во Крушевскиот манифест.

Таа порака нè обврзува и денес да градиме држава во која секој граѓанин ќе живее слободно, достоинствено и рамноправно.

Патот кон македонската државност беше долг и тежок. Илинденското востание и Крушевската Република во 1903 година станаа траен симбол на подготвеноста за сопствена слобода и држава. Нивниот идеал продолжи да живее и по задушувањето на востанието.

Балканските војни од 1912 и 1913 година донесоа поделба на Македонија и нови страдања за македонскиот народ. Интересите на соседните држави и на големите сили ја определуваа судбината на земјата, а внатрешните разидувања дополнително го ослабуваа движењето. Македонските семејства останаа разделени со граници, но сеќавањето на заедничката татковина не исчезна.

И по Првата светска војна продолжија обидите за остварување на македонските национални стремежи. Различните политички определби и меѓусебните судири оставаа длабоки последици, додека желбата за слободна Македонија опстојуваше меѓу Македонците во сите нејзини делови.

Во Втората светска војна, народноослободителната и антифашистичката борба отворија нов пат кон македонската државност. На 2 август 1944 година, со АСНОМ, беа поставени темелите на современата македонска држава во рамките на југословенската федерација.

На 8 септември 1991 година, граѓаните на референдум ја изразија својата волја за самостојна и суверена Македонија. На еден дел од историската и географската територија на Македонија беше остварен стремежот за независна држава.

Од Солун 1893, преку Илинден 1903 и АСНОМ 1944, до независноста во 1991 година, ја препознаваме историската нишка на македонската борба за слобода и државност. Секоја генерација го носеше товарот на своето време. Нашата обврска е наследената држава да ја зачуваме и да ја оставиме посилна.

Затоа, на овој празник упатувам апел до сите Македонци и до сите граѓани што ја чувствуваат Македонија како свој дом: да се обединиме околу нејзината слобода, сувереност, достоинство и иднина.

До носителите на јавните функции: довербата на народот претворете ја во чесна работа, праведни одлуки и одговорно управување. Чувајте ги државните интереси и создавајте услови луѓето да живеат од својот труд, а младите да можат својата иднина да ја градат дома.

До интелектуалците, наставниците, културните дејци и новинарите: со знаење и совест негувајте ги македонскиот јазик, историското паметење и културното наследство. На младите пренесувајте им ја историјата со почит кон фактите и со разбирање за човечката цена на слободата.

До младите поколенија: запознајте ги луѓето чии имиња ги носат вашите училишта, улици и плоштади. Во нивните судбини ќе ги најдете и храброста и тешките поуки на нашето минато. Со вашето знаење, труд и творештво продолжете го делото на градење на Македонија.

До Македонците во Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија, во Албанија и насекаде во светот: чувајте ги јазикот, корените и врската со татковината. Вашата истрајност е драгоцен дел од македонското опстојување.

До нашите соседи ја упатувам пораката дека трајното пријателство се гради со заемна почит. Почитувањето на македонското име, јазик и идентитет е основа за искрена соработка и за заедничка европска иднина.

Различните мислења се дел од слободното општество. Одговорноста кон Македонија треба да нè зближува и тогаш кога политички се разликуваме.

Да ја почитуваме Организацијата значи да ја разбереме тежината на жртвата и обврската што ја наследивме. Слободата денес ја зацврстуваме со знаење, чесна работа, владеење на правото, солидарност и грижа за секој човек.

На оваа 133-годишнина се поклонуваме и им оддаваме почит на Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, Питу Гули, Тодор Александров, Ефрем Чучков, Панко Брашнаров, Методија Андонов-Ченто, Драган Богдановски, Гојко Јаковлески и на сите знајни и незнајни борци што го вградија својот живот во македонската слобода и државност.

Во нивна чест, да создаваме Македонија во која младите ќе гледаат иднина, постарите ќе живеат достоинствено, а секој граѓанин ќе чувствува сигурност и припадност.

На сите Македонци во татковината, во сите делови на Македонија и во дијаспората, на сите граѓани на Република Македонија, на членовите, ветераните, поддржувачите и почитувачите на ВМРО и на сите што го почитуваат македонското ослободително дело, им го честитам 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба!

Нека ни е честит празникот и нека ни е вечен споменот за оние што се жртвуваа за Македонија!

Да е вечна Организацијата!

ДА Е ВЕЧНА И ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА!

Најново од: На прво место Коментари

На 13 ноември се одбележуваат 82 години од ослободувањето на Скопје

Во текот на Втората Светска Војна, за ослободувањето на Скопје, животите ги положија 4.654 негови граѓани, од кои 956 загинати во битките и 3.698 граѓани како жртви на фашистичкиот терор. Скопје го одбележува 13 ноември, денот кога во 1944 година борците од Дванесеттата, Третата, Осмата и Шеснаесетата македонска бригада го ослободија градот од фашистичката окупација. […]

Мицкоски со факти ја разобличи хистеријата на Филипче

АЛТА банка на Мацура ја носи Владата на СДС и ДУИ   Владата на СДС и ДУИ уште во 2023 година дала насока за влегување во деловни односи со АЛТА банка од Србија, посочи премиерот Христијан Мицкоски на надзорната расправа во Собранието, покажувајќи извадок од нацрт-записник од владина седница одржана на 24 октомври 2023 година. […]

Филипче и Заев да одговорат дали знаеле за сомнителните трансакции од 110 милиони евра од Венецуела преку Еуростандард банка

Филипче и Заев да одговорат дали знаеле за сомнителните трансакции од 110 милиони евра од Венецуела преку Еуростандард банка СДС и Венко Филипче што со демагогии, лаги, манипулации и хистерија сакаат да предизвикаат страв и несигурност кај граѓаните, на македонската јавност им должат одговори за пропаста на Еуростабдард банка и за можноста за „перење“ пари. […]

Уште колку ЕУ ќе нè тапка по рамо?

Европската идеја има смисла ако ги зближува народите и го почитува нивното достоинство. Македонија заслужува јасен и праведен пат до членство, по кој ќе оди со реформи и со зачуван македонски идентитет. За идеите во минатото се гинело, а за нив се гине и денес. Тие ги движат луѓето, ги обединуваат народите и го менуваат […]

Филипче, рејтингот на СДС не се крева со сирена за тревога

Дали Филипче навистина мисли дека патот до повисок рејтинг води преку повисок притисок кај граѓаните? Дека секоја вознемирена фамилија е потенцијален глас, секој исплашен пензионер — политичка добивка, а секој загрижен штедач — публика за следниот настап? СДС на чело со Филипче остава впечаток дека отвори дежурна служба за најавување пропаст. Телефонот постојано ѕвони, сирената […]

За овој настан Македонија нема да бара од Бугарија заедничко историско чествување

На 11 септември 1995 година, на аеродромот кај Штрклево, близу Русе, се собрале околу 3.000 илјади луѓе за да пречекаат вонземјани.  Според архивскиот весникарски напис, околу 3.000 луѓе пристигнале од Варна, Разград, Русе и околните села. Поводот бил најавата дека точно во 11 часот ќе слетаат посетители од наводната планета Криси за да и помогнат […]

Апел за донации: да ја зачуваме црквата „Св. Марена“ – „Св. Огнена Марина“ во Зубовце

Црковниот одбор на црквата „Св. Марена“ – „Св. Огнена Марина“ во село Зубовце упатува апел до сите добронамерни луѓе, фирми, институции и иселеници да помогнат во стабилизацијата и конструктивното зацврстување на храмот.  Црквата „Св. Марена“, стара речиси два века, во последните години претрпува оштетувања поради движење на земјиштето. За да се спречи нејзиното понатамошно оштетување […]

Да се препознаеме по човечноста

„Ако чувствуваш болка, жив си. Ако чувствуваш туѓа болка, тогаш си човек.“ – рекол Лав Толстој Сфаќањето и практиката на хуманоста во светот денес се наоѓаат на важна крстосница. Глобално гледано, на хуманоста се гледа низ призмата на зголемена емпатија и поврзаност, но и низ сериозни предизвици наметнати од модерното секојдневие, технологијата и кризите. Технологијата […]

To top