МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА ЗА УНИТАРНА И ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА!
МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО ЈУЖНА ГЕРМАНИЈА
20 март 2017 година, Штутгарт, СР Германија
– Македонците во Јужна Германија вчера во Штутгарт одржаа Семакедонски собир за унитарна и заедничка Македонија. Органзиатори беа организацијата “Македонска дијаспора“ од Штутгарт, Фудбалскиот клуб “Македонија“ од Штутгарт и Македонската православна црковна општина “Светите Кирил и Методиј“ од Штутгарт.
Семакедонскиот собир ја осуди “Тиранската платформа“ за бинационална и двојазична Македонија и побара македонскиот јазик да биде еден и единствен службен јазик на целата територија на Македонија и во нејзините меѓународни односи!
Семакедонскиот собир даде целосна поддршка за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата!
Обраќање до Европската Унија и до Сојузна Република Германија пред Семакедонскиот собир упати Ацо Крстески.
– Ние, Македонците во Европа, се приклучуваме на движењето “За заедничка Македонија“ и ја поддржуваме унитарноста на Македонија и непроменливоста на Уставот. Неприфатлива е т.н. “тиранска платформа“ да стане услов за формирање на Влада во Македонија. Ние Македонците од Европа во Германија, ја отфрламе во целост и се спротивставуваме на редефинирање, кантонизација, федерализација, промена на име, знаме и химна на Македонија, – рече Ацо Крстески.
Пред Семакедонскиот собир обраќање имаше и Тодор Петров, претседател на Светскиот Македонски Конгрес, кој повика на семакедонско помирување и обединување за одбрана на унитарноста и државноста, името на државата и идентитетот на нацијата.
На Семакедонскиот собир беше прочитана Декларација за унитарна Македонија којашто е упатена до Организацијата на Обединетите Нации, Европската Унија, Соединетите Американски Држави, Руската Федерација, Народна Република Кина, Република Франција и Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска, како и до властите во Сојузна Република Германија и Македонија.
(1) Македонците во Германија, како нераскинлив дел од Македонскиот народ, изразуваат загриженост за унитарноста и државноста на Македонија, за името на државата и идентитетот на нацијата!
(2) Македонците во Германија отфрлаат федерализација и службеност на албанскиот јазик на целата територија на Македонија и во нејзините меѓународни односи!
(3) Македонците во Германија сметаат дека само Македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е еден и единствен службен јазик на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи!
(4) Македонците во Германија го повикуваат демократскиот свет да ја поддржи унитарноста и државноста на Македонија, името на државата и идентитетот на нацијата!
(5) Македонците во Германија сметаат дека Македонија е држава на Македонскиот народ како единствен носител на државноста, во која сите се еднакви пред Уставот и законите, независно од социјалниот статус, етничкото потекло, верското уверување и партиската припадност!
(6) Македонците во Германија бараат крај на разговорите за разликата за името Македонија со Владата во Атина и безусловно продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија, со можност за употреба на уставната додавка “Република“ како јасна разлика од истоимената северна провинција во Грција и југо-западна провинција во Бугарија, без латинична транскрипција на Македонскиот јазик туку на англиски јазик “Republic of Macedonia“, со меѓународниот код МК односно МКД, и нотификација на Македонскиот народ и Македонскиот јазик, независно од историските хипотеки – окупацијата вр Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913 година кој се уште трае!
(7) Македонците во Германија отфрлаат промена на името, знамето, грбот и химната!
(8) Македонците во Германија бараат попис на населението!
(9) Македонците во Германија отфрлаат владина коалиција којашто нема да ја почитува оваа Декларација!
(10) Македонците во Германија повикуваат на семакедонско помирување и обединување, затоа што силата е во единството, за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата!
(11) Македонците во Германија го поддржуваат движењето “За заедничка Македонија“ во татковината!
Семакедонскиот собир во Штутгарт заврши со македонски народни песни и ора.


