Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во Женева учествуваше на состанок со претставници на националните малцинства од целиот свет, организиран од специјалниот известувач на Обединетите нации за прашањата на малцинствата, Николас Леврат.
Состанокот претставува значајна можност за размена на искуства, согледување на предизвиците со кои се соочуваат националните малцинства и унапредување на механизмите за заштита на нивните права и слободи.
Учеството на Стерјовски на овој меѓународен состанок е од особено значење за афирмацијата на македонското национално малцинство во Албанија и за запознавање на меѓународната јавност со неговата положба.
Правото на слободно национално самоопределување, употребата на мајчиниот јазик, образованието на македонски јазик, зачувувањето на културното наследство и рамноправното учество во општествениот и политичкиот живот се меѓу најзначајните прашања за Македонците во Албанија.
Македонската алијанса за европска интеграција континуирано се залага за унапредување на положбата на Македонците во Албанија, зачувување на нивниот национален, јазичен и културен идентитет и почитување на меѓународните стандарди за заштита на малцинските права.
Присуството на македонски претставник на вакви меѓународни собири придонесува македонскиот глас да биде слушнат и во највисоките меѓународни институции.
Заштитата на македонскиот национален идентитет надвор од границите на Република Македонија не е само прашање на национална припадност, туку и прашање на основните човекови права, достоинството и почитувањето на меѓународното право.