На прво место

ДЕМОНСТРАЦИИ ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПА (10)

demonstracii10

demonstracii10
Истрајноста има крај

Демонстрантите во Луксембург беа гневни и разочарани од односот на ЕЗ што го одложува признавањето на Македонија

Киро Кипроски

Напладне, на 14 јуни 1992 година, со авион од Скопје пристигнав во Берлин и по ручекот во ресторанот „Ново Скопје“, со домаќинот Мане Јаковлески и неколкумина македонски патриоти се договоривме вечерта, во 21.30 часот, од пред ресторанот со автомобили да тргнеме за Луксембург, за утредента во 10 часот да учествуваме на најавените демонстрации. Еден час и неколку минути по полноќ, само што беше почнат новиот ден, пристигнавме во Хамбург, во куќата на македонскиот патриот Блажо Јовановски. Откако одморивме и се освеживме со сок и кафе, патувањето го продолживме за Луксембург, при што ни се придружија и неколку десетина наши сонародници од овој град. Петстотините километри ги минавме без проблеми, со неколку паузи патем за да запалиме цигара.

Утрото, околу 9.30 часот, пристигнавме пред зградата на Европскиот парламент во Луксембург, каде што веќе беше поставената железна оградата, пред стотината Македонци. Како што се приближуваше часот на почетокот на министерскиот состанок на ЕЗ, бројот на учесниците на демонстрацијата постојано се зголемуваше. Не мина ниту еден час од почетокот на министерскиот состанок, од зградата во која се одржуваше состанокот, излезе колегата Љупчо Поповски, акредитиран известувач на весникот „Нова Македонија“, ме повика мене и ми рече да ги повикам Мане Јаковлески и д-р Иван Минев, претседател на „Обединети Македонци“ и организатор на демонстрацијата. Нѐ повика да ни соопшти дека на подготвителниот состанок што се одржал ден пред одржувањето на министерскиот самит било договорено воопшто да не се дискутира за признавањето на Македонија, расправата била одложена за состанокот во Лисабон. Се договоривме да не им ја соопштуваме оваа неповолна вест на демонстрантите, за да не влијаеме врз нивното расположение, оти можеше демонстрацијата да излезе од контрола. Така постапивме, и околу пладне, кога беше објавена паузата, им ја соопштивме одлуката на другите.

За демонстрацијата во Луксембург, за атмосферата и за разочараноста на Македонците објавив осврт „Истрајноста има крај“(„Нова Македонија“, на 22 јуни 1992 год.):

„За време на одржувањето, а и по министерскиот состанок на дванаесеттемина во Луксембург, пред зградата на Европскиот парламент организирано демонстрираа околу 2.000 Македонци, кои се наоѓаат на привремен престој и на работа во Германија, Швајцарија, Франција, Холандија и во Шведска, кои уште еднаш го кренаа својот глас за самостојна, суверена и независна Македонија. Тие се обидоа на Европа да ѝ докажат дека прави огромни грешки што си поигрува со судбината на оваа мала држава“.

Мицотакис провоцира

Македонците се разочараа и мошне агресивно „го испратија“ грчкиот премиер и министер за надворешни работи Константин Мицотакис, кој иронично им се смееше на насобраните демонстранти и гестикулираше на недоличен начин и навредливо (покажувајќи им го средниот прст), со што уште повеќе ги испровоцира демонстрантите, кои беа гневни на одлуката и малку недостасуваше да дојде до инцидент, мирната демонстрација да се претвори во вандализам. Неколку пластични шишиња му профучеа покрај ушите на Мицотакис, а неговото лично обезбедување со големи маки успеа да го внесе во возилото неповреден.

– Со месеци неаргументираното одолжување на меѓународното признавање на Република Македонија од Европската економска заедница јасно укажува дека и во Европа нема демократија, која сѐ повеќе и го манифестира тоа – револтирано ни зборуваше д-р Вукашин Ефтовски, професор на Сорбона, кој повеќе од две и пол децении живее и работи во Париз, Франција, а потекнува од гостиварското село Лешница.

– На демонстрациите мора да бидеме поагресивни и да вршиме притисок врз сите министри што на крајот на 20 век се поигруваат со достоинството на македонската држава и нација, која е мала, но е горда и достоинствена, со богата историја и културно наследство и служи за пример на Балканот и во Европа со водењето мирољубива политика – рече тој.
Ристо Паргов од Брисел (Белгија), кој со сопругата беше на овие демонстрации, како и сите, беше разочаран и гневен на министрите што си поигруваат со Македонија, или пак немаат сили на една Грција да ѝ кажат дека не е во право со своите барања и дека треба да отстапи од настојувањето Македонија да го смени името, кое со векови го има; да не се создаваат проблеми таму каде што ги нема, Македонија да се признае како самостојна и независна држава. Одложувањето на меѓународно признавање, според Паргов, може да доведе врз Македонија да се изврши агресија и да се случи војна.

Илија Тодев од Офенбах и Павле Гелески од Бохум ни рекоа дека Европската заедница, по сѐ изгледа, сака во Македонија да започне војна, па потоа да нѐ признае. Како поинаку да се протолкува нејзиниот однос.

Нашите сонародници Тодев и Гелески и другите Македонци што беа учесници на демонстрацијата во Луксембург, а поголем дел од нив беше и на неодамнешните мировни демонстрации за признавањето на меѓународниот легитимитет на Македонија во Берлин, Бон и во Брисел, остро реагираа што министерот за односи со странство на Република Македонија, Денко Малески, на ниту една демонстрација не се појави за да разговара со Македонците, како и на оваа на која се наоѓаше во непосредна близина, од околу дваесетина метри!

Борбата за меѓународно признавање на Македонија, како што ни рекоа сонародниците, треба заеднички да ја водиме и неговото присуство меѓу нас многу ќе значи за натамошните активности. Во европските држави има многу Македонци, кои се влијателни и со својот авторитет и познанства можат многу да придонесат за меѓународно признавање и за економска помош на Македонија од европските институции.

Претседателот на македонската заедница „Обединети Македонци“, д-р Иван Минев, беше водач на делегацијата од демонстрантите, која на помошниците на португалскиот министер за надворешни работи Пињеиро им врачи петиција на шпански, француски, англиски и на германски јазик. Притоа водеа подолг разговор за тоа што треба да се стори Македонија да биде признаена.

Нашите луѓе со сопствени средства патуваат низ Европа, за да учествуваат на мирните протести, и го креваат својот глас за независна и суверена Македонија. Доколку активностите заедно ги организираме и правилно се насочени, тогаш и резултатите ќе бидат поголеми за доброто на Македонија и на македонскиот народ, истакна д-р Иван Минев.

Два предлога за името

Со овој наслов („Нова Македонија“, 15 јуни 1992 г.) колегата Љупчо Поповски ја извести македонската јавност за средбата меѓу претседавачот на министерскиот совет Жоао де Пињеиро и министерот за односи со странство на Македонија, Денко Малевски.
„Европската заедница утре ќе се обиде конечно да ја најде формулата за признавањето на Македонија со која би ги почитувала легитимните барања и желби на граѓаните на нашата Република, а од друга страна да не ја става Грција повторно во ситуација да поднесе вето, кое решавањето на проблемот би го одложило на непредвидливо време. Конфузија, нерешителност, па дури и немоќ Европејците покажаа и денеска, преку средбата на претседавачот на министерскиот совет Жоао де Пињеиро со министерот за односи со странство Денко Малевски.

Двајцата министри денеска доцна попладне разговараа еден час и 20 минути во хотелот ’Интерконтинентал’ во Луксембург за начинот на кој би можел да се реши грчко-македонскиот спор со евентуален компромис во кој сега толку многу се заплетка заедницата. Како што дознаваме, португалскиот министер за надворешни работи на министерот Малески му го изнел цврстиот став на заедницата дека таа сака да го реши нерешливиот проблем, но поради тврдиот грчки став да не се отстапува за името тие сѐ уште не знаат како да го направат тоа. Во разговорот Пињеиро изнел две варијанти под кои е можно признавањето на Македонија на утрешниот состанок. Според првата варијанта, би се донела одлука за употреба на две имиња за Републиката – едно за внатрешно користење (во него би можело да стои и името Македонија), а друго за надворешна кореспонденција, особено во рамките на ЕЗ, а кое Пињеиро го окарактеризирал како ’некое друго име’. Втората варијанта на претседавачот на министерскиот совет претпоставува ЕЗ утре да ја признае Македонија со формулацијата ’се признава поранешната југословенска република Македонија’.

Според она што ни го изјави министерот Малески по завршувањето на разговорите, на Пињеиро му било одговорено дека каква било одлука од овие две варијанти е неприфатлива за Македонија, дека нејзиното име не може да биде испуштено од називот на државата, дека проблемите што би можеле да произлезат од едно вакво конфузно решение ќе создадат големи тешкотии во меѓународното комуницирање и дека, конечно, кое било признавање на Републиката, освен под името Република Македонија е погрешно. ’Впрочем, моето присуство во Луксембург е токму поради таа работа, уште еднаш на европските министри да им кажеме дека волјата на граѓаните на Македонија мора да се почитува’, ни изјави Малевски. Тој напомена дека на Пињеиро му укажал оти новото одложување на признавањето на Македонија носи сериозни опасности за безбедноста и економскиот развој на Републиката и токму поради тоа и поради почитување на сите европски документи во кои се вели дека волјата на народот мора да се почитува, ЕЗ треба да ја признае Македонија под нејзиното име“.

Со срце за Македонија

На крајот на 1989 година граѓаните на Европа со будно око ги следеа настаните што беа предизвикани со уривањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на двете Германии, букурешките настани и другите случувања во Источниот блок на Европа. Македонците, пак, внимателно ги следеа случувањата, односно несогласувањата во партискиот и државниот врв на заедничката југословенска федеративна држава (СФРЈ). Настаните го најавуваа крајот на 45-годишното опстојување на федерацијата, се насетуваше распадот. Македонците, пак, тука ја гледаа шансата да ги остварат вековните желби и идеали на многу генерации пред нив, Македонија да стане самостојна, суверена и независна држава. Но за да ја искористат шансата со распадот на СФРЈ, потребни беа и големи активности на македонските здруженија, партии во дијаспората и во Македонија. Македонските патриоти тајно беа убедени дека брзо ќе дојде денот кога ќе чукне часот и за Македонија, која со столетија беше напатена, окупирана, ограбувана, палена, парчосувана, делена…, конечно да го добие заслуженото, да стане самостојна и суверена држава, а Македонците и граѓаните „да бидат свои на своето!“

Фото:

demonstracii10-kiro

Авторот на фељтонот Киро Кипроски (со брада) со демонстрантите во Луксембург

Најново од: На прво место

„Македонецот“ и „Мајко мила“ пред прогонетите деца од Егејска Македонија

На 23 септември, во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје, се одржа второто претставување на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски. На настанот присуствуваа многубројни посетители, меѓу кои најголемиот дел беа луѓе прогонети како деца од своите домови во Егејска Македонија. За многумина во салата, прикажаното […]

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

Археологијата поврзана со Александар Македонски открива нови наоди

18 септември 2026 година Новите ископувања во Кралската гимназија во античка Миеза во северна Грција откриваат повеќе за образованието во Македонија во текот на 4 век п.н.е. Локалитетот во близина на модерна Науса научниците го поврзуваат со местото каде што Аристотел го учел младиот Александар и другите македонски кралски наследници. Археолошката гимназија поврзана со Александар […]

Митрополит Григориј: Лажна, заблудувачка и заведувачка презентација на Љубомир Фрчкоски

Пишува: Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј Фрчкоски произнесе колосална манипулација, креирајќи јавно мислење дека „Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА) не е автокефална Помесна православна црква (ППЦ)“. Тој емитуваше оркестрирана кампања – Lügenfabrik („фабрика за лаги“) – против автокефалноста на МПЦ – ОА, и тоа преку: Погрешни информации (misinformation) – лажни информации создадени […]

Мицкоски со американската воена индустрија – а замислете на масата да седнеше некој од „стратезите“ на СДС

Премиерот на владата на Република Македонија одржа средба со бизнис-претставници од воената индустрија на САД, како и со официјални претставници од американската администрација задолжени за оваа област. Разговарано е за потенцијални инвестиции, проширување на инвестициските планови и ставање на располагање на расположливите ресурси. Нашата цел е преку сериозни и долгорочни партнерства да отвораме нови можности […]

Петрушевски: Со измените во Законот за пратениците се забранува двојно државјанство – лагите на СДС се демантираат

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во интервју за емисијата „Траги“ на Алсат-М се осврна на поднесените измени на Законот за пратениците, со кои се предлага пратениците да не можат да имаат двојно државјанство. Според него, со ова законско решение ВМРО-ДПМНЕ сака да ги демантира тврдењата на СДС дека пратеници од партијата поседуваат бугарски пасоши. Петрушевски […]

Мицкоски имаше разговорот со Марко Рубио: Македонско-американското стратешко партнерство продолжува да се зајакнува

Разговорот меѓу Мицкоски и Рубио се одржа во Њујорк, а премиерот посочи дека ваквите контакти на високо политичко ниво имаат особено значење за односите меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави. Според Мицкоски, директната комуникација со американските партнери претставува можност за размена на ставови за прашања од заеднички интерес, продлабочување на билатералните односи и натамошно зајакнување […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

To top