Двајца малолетници од Гостивар и 20-годишен скопјанец се осомничени за насилниот инцидент во кој биле нападнати две лица. Случајот ќе се води по брза постапка.
Министерството за внатрешни работи ги идентификуваше лицата осомничени за насилниот инцидент во Гостивар, за кој на социјалните мрежи беше објавена вознемирувачка видеоснимка.
На снимката се гледа како за време на физичката пресметка едно момче, по зададен удар, паѓа на асфалтот, по што неколку лица продолжуваат да го напаѓаат додека лежи на земја. Видеото предизвика бројни реакции и повици до надлежните институции за брзо расчистување на случајот.
Според информациите од МВР, осомничени се двајца малолетници од Гостивар и В.Д. (20) од Скопје.
„Во полициска станица на службен разговор се повикани двајца малолетници од Гостивар, на кои, по наредба на јавен обвинител, им се одземени патните исправи. Третото лице е В.Д. (20) од Скопје, за кого е испратена телеграма до СВР Скопје за понатамошно постапување. По целосно документирање на случајот, во текот на утрешниот ден, по брза постапка, лицата со соодветен поднесок ќе бидат изведени пред надлежен судија на претходна постапка“, соопштија од МВР.
Инцидентот бил пријавен во саботата, а се случил ноќта меѓу петокот и саботата, околу 2:30 часот, на улицата „Борче Јованоски“ во Гостивар.
Според пријавата, 22-годишен гостиварец навел дека тој и негов пријател биле физички нападнати од три лица, кои употребиле тврди и дрвени предмети.
Од МВР информираат дека веднаш бил известен дежурен јавен обвинител. Постапувајќи по неговите насоки и во координација со надлежното обвинителство, полициските службеници од ОВР Гостивар презеле мерки и активности и ги идентификувале осомничените.
По целосното документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок, а тие по брза постапка ќе бидат изведени пред надлежен судија.