Со конкретни мерки, нови инфраструктурни проекти и модернизација на пазарот на електрична енергија, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја зајакнува енергетската сигурност на Македонија, истакна пратеникот Жан Дрвошанов.
За само две години Владата успеа да ја зачува сигурноста во снабдувањето со енергенси, да обезбеди едни од најниските цени на горивата во регионот, да спроведе значајни инфраструктурни проекти и да го модернизира пазарот на електрична енергија, изјави на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Жан Дрвошанов.
Според него, иако Македонија поминала низ една од најтешките енергетски кризи во Европа, граѓаните во ниту еден момент не останале без гориво, ниту се соочиле со ценовен шок.
„Тоа е резултат на навремени одлуки, добра координација и конкретни мерки со кои се обезбеди стабилно функционирање на целиот енергетски систем“, истакна Дрвошанов.
Тој посочи дека биле воспоставени ефикасни механизми за управување со кризни состојби, обезбеден бил стабилен увоз на горива, како и доволни домашни резерви на енергенси. Благодарение на тоа, снабдувањето на пазарот се одвивало непречено во текот на целиот кризен период.
Како особено значаен проект го издвои повторното ставање во функција на продуктоводот Солун–Скопје по цели 13 години.
„Станува збор за инфраструктурен проект од исклучително значење за сигурното и континуирано снабдување со нафтени деривати, како и за зајакнување на енергетската безбедност на државата“, нагласи Дрвошанов.
Во тек е и изградбата на гасната интерконекција со Грција, а активно се работи и на реализацијата на интерконекцијата со Србија. Со овие проекти, како што рече, Македонија добива нови алтернативни правци за снабдување со природен гас, што ќе донесе поголема енергетска независност, конкуренција и сигурност.
Во насока на усогласување со европските стандарди, донесена е нова Уредба за квалитетот на течните горива, целосно усогласена со законодавството на Европската Унија. Изработена е и Национална проценка на ризикот во снабдувањето со гас, додека во завршна фаза се Превентивниот план и Планот за кризни состојби во гасниот сектор.
Зајакнати се и механизмите за стратешки резерви и за сигурност во снабдувањето со нафтени деривати.
Паралелно со обезбедувањето стабилно снабдување со енергенси, Владата работела и на модернизација на пазарот на електрична енергија. Од јануари годинава, аукциите за прекуграничните преносни капацитети со Србија и Бугарија успешно се реализираат преку европската платформа ЈАО.
Националниот оператор на пазарот на електрична енергија, МЕМО, во мај годинава го пушти во употреба Интрадеј-пазарот, кој овозможува купување и продажба на електрична енергија во реално време и создава транспарентни ценовни сигнали за компаниите.
Според Дрвошанов, ова претставува клучен предуслов за целосна интеграција на македонскиот со европскиот пазар на електрична енергија. Паралелно се работи и на усогласување со Агенцијата за соработка на енергетските регулатори на Европската Унија – ACER, преку интеграција во системот SDAC.
Посебно внимание било посветено на заштитата на ранливите категории граѓани. Донесена е првата Методологија за мерење на енергетската сиромаштија во државата, со што првпат се воспоставува системски пристап при креирањето политики за поддршка.
Доделени се повеќе од 4.000 ваучери за набавка на инвертер клима-уреди за ранливите домаќинства, а обезбедени се и 148,8 милиони денари директна финансиска поддршка за ранливите потрошувачи.
„Ова не е крај на реформите, туку цврста основа врз која ќе продолжиме да градиме уште посилен, посигурен и поконкурентен енергетски сектор. Владата останува посветена на политиките што носат стабилност, инвестиции, европска интеграција и повисок животен стандард за граѓаните“, порача Дрвошанов.
Тој нагласи дека Владата ќе продолжи со иста енергија, одговорност и посветеност, бидејќи постигнатите резултати покажуваат дека државата се движи по вистинскиот пат.