Можат сите по список да се наредат — од најгласните „патриоти“ па сè до нашите најголеми негатори, ете, и самите Грци и Бугари. Ама баш сите можат да речат што сакаат, арно или лошо за Македонија. Меѓутоа, една е вистината: полека, но сигурно, Македонија си тера напред, а ќе почне и позабрзано да напредува за да дојде на своето место — таму каде што ѝ е местото.
Не велам дека патот е лесен, ниту дека времето само ќе ја заврши работата наместо нас. Времето работи за Македонија тогаш кога Македонците не се откажуваат од неа. Кога зборуваат, пишуваат, создаваат и им пренесуваат на своите деца кои се и од каде потекнуваат. И кога, покрај разочарувањата, наоѓаат сила повторно да застанат на нозе.
Знаеме дека во минатото ни беше забрането да ја изговориме и буквата М од Македонија. Бевме нарекувани Вардарска бановина, па ФИРОМ, а ете, добивме и префикс „Северна“.
Секое време измислувало ново име со кое ќе нè претставува пред светот. Но ниедно наметнато име не можело да го избрише она што луѓето го носеле во себе.
Името Македонија живеело во домовите, во песните, во спомените на семејствата и во разговорите меѓу Македонците раселени на сите страни од светот.
Го носеле со себе и оние што заминале далеку, со надеж дека нивните деца и внуци ќе знаат зошто тоа име им значи толку многу.
Има многу големи и паметни јуначишта кои се прчат дека, ако им дадеш пет минути власт, партали ќе направат и ќе го вратат името Македонија, а тоа ќе било нивна заслуга.
Но исто така имаме и забегани како Црпко и неговата света партија СДС, кои за грст долари ја продаваат Македонија.
Мене не ме убедуваат големите зборови изговорени за аплауз. Кој навистина ја сака Македонија, нека покаже што направил кога имал можност да одлучува, а што прави денес кога нема камери околу него.
Лесно е да се ветува дека за пет минути ќе се исправи сè што било погрешно направено за време на нивното владеење.
Народот има право да ги праша сите политичари што сториле со довербата што им била дадена. Нека не очекуваат дека секое предизборно ветување ќе биде заборавено штом ќе завршат изборите.
Македонија не е ничија лична сопственост, ниту награда што може да се дели според партиска припадност. Таа им припаѓа и на оние што живеат во неа и на оние што, иако се далеку, никогаш не престанале да ја сметаат и да работаат за свој дом.
Но, како и да е, сите си легнуваат на брашно. Ни светот ни Горниот не можеш да ги правиш будали. Вистината почна да шета и да влегува во свеста кај сите нормални луѓе.
Грците, од тотално непризнавање на Македонија и Македонците, сега се прават горди Македонци и со посебен пиетет го изговараат името Македонија.
Бугарите се последните Мохиканци, заглавени во незнаење дали се повеќе Татари, Тракијци, Мизијци или, се разбира, Македонци…
Може да се спори за историјата, да се врши политички притисок и да се бара од Македонците постојано од нешто да се откажуваат. Но никој не може наместо нас да одлучи како ќе го чуваме својот јазик, својата култура, историја и чувството на припадност.
За тоа ни требаат знаење, истрајност и самодоверба. Ни треба и искрен разговор меѓу нас, за да не ги повторуваме грешките од минатото додека бараме другите да ги признаат своите.
Ќе дојде време кога Македонија ќе зборува за себе со уште поголема сигурност. Тоа време нема да дојде поради нечиј говор или нечија милост. Ќе го донесат луѓето што остануваат верни на својот збор, што ги учат младите да ја сакаат и познаваат својата земја и што работат таа да биде подобро место за живеење.
Затоа велам: времето работи за Македонија. А наше е да не го трошиме чекајќи некој друг да ја заврши нашата работа.
КРЕНЕТЕ ЈА ГЛАВАТА, МАКЕДОНЦИ! ЛАГИТЕ И КЛЕВЕТИТЕ СЕКОГАШ ВОДАТ НАДОЛУ И НÈ ЗАГЛАВУВААТ СÈ ПОДЛАБОКО. СО ВИСТИНАТА И СО СООЧУВАЊЕТО СО РЕАЛНОСТА, ПО СЕКОЈА БУРА ПОВТОРНО ЈА ГЛЕДАМЕ УБАВИНАТА НА ЖИВОТОТ. А ТАА УБАВИНА ЗА НАС Е МАКЕДОНИЈА — ВЕЧНА, ВО ВЕК И ВЕКОВИ!
АМИН !!!