Сериозните обвинувања за набавката на хеликоптери бараат докази и институционална истрага. Граѓаните заслужуваат одговори, а не внатрепартиски пресметки.
Венко Филипче не смее да си поигрува со јавноста кога станува збор за милионски тендери и сомнежи за злоупотреба на државни средства.
Филипче јавно ја прозва Славјанка Петровска во врска со набавката на хеликоптери и договорот за кој, според неговите тврдења, постоела разлика од дури 37 милиони евра. По ваквите обвинувања, тој има обврска пред јавноста да објасни врз што ги темели и да ги достави сите докази со кои располага до Јавното обвинителство.
Не може да се изнесуваат сомнежи за злоупотреба на десетици милиони евра, а потоа да се молчи. Таквите обвинувања се премногу сериозни за да служат како оружје во внатрепартиски конфликти.
Ако Филипче има докази, нека ги достави. Ако изнесува сомнежи, нека објасни на што се засноваат. Јавните настапи не се замена за институционална постапка.
Граѓаните имаат право да знаат кој ги носел одлуките, кој ја одобрил набавката, што претставува посочената разлика во цената и дали државниот буџет бил оштетен. Одговорите мора да произлезат од проверка на документацијата и од утврдување на фактите.
Го повикуваме Јавното обвинителство да ги провери јавно изнесените наводи и да побара од Филипче да ги достави сите информации и документи со кои располага. Доколку се утврдат незаконитости, мора да следува одговорност за секој вмешан.
Прашањето за евентуална одговорност поради непријавување кривично дело треба да го оценат надлежните институции, согласно законските услови и утврдените факти.
Партиските пресметки не смеат да го заменат расчистувањето на сомнежите за злоупотреба на јавни пари. Правдата не смее да зависи од тоа кој со кого е скаран.