Со панихида, положување цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев и културна програма, македонската заедница оддаде почит на националните дејци и на архиепископот Ангелариј.
Под мотото „Чувари на верата и македонскиот идеал“, Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија на 24 октомври го одбележа Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври. На настанот беше одбележана и 40-годишнината од упокојувањето на архиепископот Ангелариј, соопшти Австралиско-сиднејската епархија при МПЦ–ОА.
Чествувањето се одржа во храмот „Св. Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн. Парохискиот свештеник, јереј Климент Станковски, отслужи панихида, а со положување цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев присутните им оддадоа почит на македонските револуционери и на нивниот придонес за слободата на Македонија. Програмата беше збогатена со настап на КУД „Светлост“ и заедничко дружење.
Настанот го отвори претседателот на црковната општина, Дејан Змејковски. Во обраќањето ја нагласи одговорноста за зачувување на споменот на заслужните историски личности и улогата на македонските црковни општини во пренесувањето на верата, јазикот и традициите на идните поколенија.
Посебно внимание беше посветено на поврзаноста на архиепископот Ангелариј со Македонците во Мелбурн. Од 1961 до 1964 година тој служел како парохиски свештеник во црквата „Св. великомаченик Ѓорѓи“ во Фицрој, придонесувајќи за развојот на организираниот црковен живот на заедницата.
Меѓу гостите беа македонскиот амбасадор во Австралија, Стојанче Китаноски, и Бронвин Халфпени, пратеничка за Томастаун во Парламентот на Викторија. Амбасадорот го честиташе празникот и упати желби за натамошни успеси во работата на црковната општина.
Чествувањето продолжи со посета на манастирот „Св. Климент Охридски“ во Кинг Лејк. Игуменот, отец Гаврил Галев, ги пречека амбасадорот и гостите и ги запозна со историјатот на манастирот и неговата духовна мисија меѓу Македонците во Австралија.
Од организаторите беше истакнато дека ваквите собири го одржуваат сеќавањето на духовните и националните дејци и ја зацврстуваат врската на иселеништвото со татковината Македонија.