Животниот и развојниот пат на научникот од светски глас, биолог, еколог, револуционер и општественик, академикот проф. д-р Синиша Станковиќ, е тесно поврзан со изучувањето на Охридското Езеро, со Охрид и Македонија, со развојот на биолошките науки и со афирмацијата на научната мисла во македонското општество. Неговото име е поврзано и со постоењето и конституирањето на поранешна Југославија.
Тој бил вљубеник во Охридското Езеро, кое го нарекувал „македонското море“, и посветен заштитник на мајката природа. Бил основач на Хидробиолошкиот завод во Охрид и на лимнолошките истражувања во Македонија.
Академикот проф. д-р Синиша Станковиќ бил великан во лимнологијата и во научната мисла воопшто. Неговата научна и политичка активност биле неразделен израз на неговата личност. Како прогресивно ориентиран професор, бил еден од универзитетските професори што му дале непроценлива помош и поддршка на напредното студентско движење во поранешна Југославија, особено на Белградскиот универзитет. Бил познат биолог и научник со светско реноме.
Синиша Станковиќ е роден на 26 март 1892 година во Заечар, Србија. Неговиот дедо, меѓутоа, потекнувал од Македонија, од селото Пожаране, Гостиварско. Пред научните работници на Хидробиолошкиот завод професорот честопати го нагласувал своето потекло, особено во последните години од животот. Во една пригода им рекол дека има причини зошто ги сака Охридското Езеро, Охрид и Македонија, бидејќи и во него тече македонска крв, а потоа ја раскажал историјата на своето семејство.
Поради неприликите што ги имал со турските власти, неговиот дедо уште во раната младост заминал од родното Пожаране. Патот го одвел во Заечар, каде што работел како фурнаџија. Истиот занает му го пренел на Ѓорѓи, таткото на Синиша. Во тоа време од фурнаџискиот занает добро се живеело, па татко му бил во можност да му овозможи средно образование во Заечар.
Синиша со успех го завршил основното и средното образование во родното место. Уште како дете покажувал наклонетост и голема љубов кон музиката и фолклорот. Како гимназијалец свирел на флејта, од која не се одделувал ниту како студент, ниту подоцна. Заедно со професорите од Универзитетот свирел во оркестар, а најголем број концерти одржувале на Коларчевиот универзитет и пред студентите.
Многу ја сакал народната музика, особено македонскиот мелос. Често, сам или пред студентите, пеел македонски песни, а најмногу ја сакал „Билјана платно белеше“.
По завршувањето на средното училиште во Заечар, младиот и талентиран Синиша се запишал на Универзитетот во Белград, каде што во 1910 година ги започнал студиите по биологија. Уште од почетокот се истакнувал меѓу студентите со своите широки познавања, разбирањето и интересот за биолошките науки.
Меѓутоа, Првата светска војна го прекинала неговото редовно школување и перото го заменил со пушка. Се приклучил на српската војска и како војник го преживеал повлекувањето преку високите планински предели на Албанија, за на крајот да стигне на островот Крф.
Во текот на Првата светска војна Станковиќ бил во составот на српската војска, во која биле вклучени и голем број Македонци. Во 1915 година бил назначен за професор по биологија во Велешката гимназија. Велес во тоа време претставувал вистински крстопат на воените, политичките и економските збиднувања, во периодот по распарчувањето на Македонија.
Тоа била негова повторна средба со Македонија, бидејќи уште во текот на студирањето, заедно со студентскиот хор од Белград, го посетил Скопје, каде што настапил со својата флејта и ги покажал своите музички квалитети.
Во 1916 година, при реорганизацијата на српската војска, бил упатен во Франција, во градот Гренобл, каде што се запишал на факултет и ги продолжил студиите по биологија. Бидејќи добро го познавал францускиот јазик, брзо се вклучил во наставата и се приспособил на новата средина.
Во 1918 година со успех ги завршил студиите по природни науки на Универзитетот во Гренобл. Неговата научна и интелектуална способност била крунисана во 1921 година, кога ја одбранил докторската дисертација на француски јазик.
Како доктор на науки се вратил во Белград во 1921 година, каде што бил избран за асистент по биолошки науки на Белградскиот универзитет. По две години бил избран за вонреден, а во 1934 година за редовен професор. Бил еден од најценетите педагози и предавал повеќе зоолошки дисциплини во период од четириесетина години, сè до пензионирањето во 1962 година.
Поради неговата богата научна и воспитно-образовна дејност, професорот Станковиќ бил избран за дописен член на Српската академија на науките и уметностите. Во податоците за неговиот живот се наведуваат различни години за овој избор – 1934 или 1935 година. За редовен член на Академијата бил избран во 1946 година.
Според податоците за академик Синиша Станковиќ, тој првпат дошол во Охрид во 1922 година, како доцент на Белградскиот универзитет. Откако го видел Охридското Езеро, останал негов вљубеник до крајот на животот и станал извонреден познавач на езерскиот жив свет.
За значењето на Охридското Езеро, меѓутоа, знаел уште како студент, преку трудовите на светските научници што вршеле обемни хидролошки, флористичко-фаунистички, лимнолошки и други истражувања на езерото и неговата околина.
Професорот Станковиќ започнал истражувања што дале драгоцен придонес за откривањето на особеностите на Охридското Езеро и на многубројните ендемични видови, потфамилии и фамилии од флората и фауната што го населуваат езерото и околните води.
Сумирајќи ги резултатите од сопствените истражувања и од претходните географско-геолошки проучувања, во своето значајно дело „Фауната на Охридското Езеро и неговиот жив свет“, објавено на германски јазик, професорот Станковиќ извел значајни научни заклучоци за потеклото на езерото, неговата фауна и неговото биогеографско значење. Со монографијата за Охридското Езеро стекнал светска слава и трајно место во историјата на науката.
Хидробиолошкиот завод, основан во 1934 година, е една од првите четири научни институции во Македонија, а истовремено и една од првите установи од ваков вид на Балканскиот Полуостров.
И авторот на овие редови помина пет години во Хидробиолошкиот завод како преведувач на научни трудови. Таму го напиша своето прво дело, „Англиско-македонски лимнолошки речник“, и имаше можност лично да го познава основачот на Заводот, професорот д-р Синиша Станковиќ, еден од најзаслужните за афирмацијата на Охридското Езеро во земјата и во светот.
Станковиќ останал трајно врзан за Охридското Езеро. Неговите истражувања ги прославиле и научникот и езерото, привлекувајќи го вниманието на меѓународната научна јавност. Охридското Езеро се смета за едно од најдолго и најсистематски проучуваните езера во Европа и во светот.