Јубилејната „Егејска вечер“ и семакедонската средба во Штип ги собраа Македонците од Грција, Бугарија и Албанија, како и Македонците од Егејска Македонија кои денес живеат во Република Македонија. Од средбата беше упатена порака за зачувување на македонскиот идентитет, поцврсти врски меѓу заедниците и поголемо внимание од институциите кон нивните права.

Едмонд Темелко, поранешен градоначалник на општина Пустец во Албанија, зборуваше за бесплатните лекарски прегледи што ги организираат бугарски здруженија во Мала Преспа. Според него, по прегледите, организаторите ги претставуваат акциите како помош за бугарско население, иако, како што вели, жителите на кои им е укажана помошта се Македонци.
„Ние знаеме што сме и не треба никој од страна да ни кажува“, рече Темелко.
Тој посочи дека Македонците во Албанија очекуваат наскоро да се отвори македонски конзулат во Корча. Ја истакна и соработката со премиерот Христијан Мицкоски и поддршката за одржување на повеќе манифестации.
Архимандритот Никодим Царкњас повика македонските власти почесто да зборуваат за положбата на Македонците во соседните земји. Тој побара премиерот и претседателката да го отвораат прашањето за Македонците во Егејска и Пиринска Македонија во разговорите со странските амбасадори во Скопје.
Трајче Димков од штипското здружение „Мирка Гинова“ нагласи дека семакедонската средба секоја година им дава можност на Македонците од Грција, Бугарија и Албанија да се соберат и да зборуваат за прашањата што ги засегаат.
„Целта е да упатиме порака дека постоиме“, рече Димков, додавајќи дека барањето е да се реши статусот на Македонците што живеат надвор од границите на Македонија.