Досиеја

Отпорот на македонскиот народ кон странските пропаганди

Во текот на XIX век Македонија била изложена на силно дејствување на пропагандите на соседните држави. Грчката, српската и бугарската пропаганда, потпирајќи се врз своите државни институции, цркви, училишта, дипломатски претставништва и различни друштва, настојувале да го прошират своето влијание меѓу македонското население и да создадат услови за остварување на своите територијални претензии кон Македонија.

Големогрчката пропаганда

Грчките влади во XIX век го зголемиле бројот на своите конзулати и нивниот персонал до максимум. Такви имало во Солун, Битола, Скопје, Серес и Кавала. Одделни конзулски службеници ја раководеле и контролирале работата на грчките училишта, општини, цркви и др.

Грчките влади во Македонија дејствувале и преку разни друштва (силогоси), од кои најзначајни биле „Образовното друштво“, основано во Атина во 1836 година, и „Друштвото за ширење на грчката писменост“, формирано според инструкции на грчката влада во 1869 година. Тоа се финансирало од државната каса. Во 1891 година, на пример, добило од владата 400.000 драхми. Истата година грчката влада дала за финансирањето на големогрчката пропаганда околу 790.000 драхми.

Како резултат на засилената дејност на големогрчката пропаганда, бројот на грчките училишта растел речиси секоја година. Во 1877 година во Солунскиот и Битолскиот вилает имало 256 училишта со 10.968 ученици. За неполни две децении, во 1896 година, тие бројки се зголемиле на 907 училишта со 53.633 ученици. Во наредните години овие бројки пораснале, до 1902 година, само за неколку десетици, а потоа стагнирале.

Овие податоци, кои не биле точни, ѝ служеле на големогрчката пропаганда во докажувањето дека Македонија е „грчка земја“, а Македонците „гркогласни Грци“ итн. За истата цел големогрчката пропаганда, односно „Друштвото за ширење на грчката писменост“ и други организации, собирале и фабрикувале разни етнографски и бројни податоци за населението во Македонија.

Тие им биле ставани на располагање на некои странски автори на книги или карти во кои се бранеле големогрчките завојувачки стремежи и акции во Македонија.

Во нив, како и во некои грчки карти и книги, грчките претензии стигнувале до Качаник, Ќустендил и погоре, а оттаму до Црното Море. Тие ја претставувале т.н. максимална програма на „Мегали идеја“, која настојчиво ја пропагирале грчките друштва, Патријаршијата, повеќе банкари, големотрговци и др.

Со неа се согласувале и грчките влади, но тие, или некои од нив, имале и друга, т.н. минимална програма, формулирана од Х. Трикупис, кој како министер за надворешни работи во 1866 година ја нафрлил идејата за поделба на Македонија.

Според оваа програма, Грција ја барала т.н. „Историска Македонија“, чии северни граници биле одредени со линијата која тргнувала од Родопите и реката Места, минувала северно од Неврокоп – Струмица и Демир Хисар – Прилеп – Крушево – Охрид и низ Албанија завршувала во Јадранското Море.

Врз основа на оваа програма, грчките влади повеќепати воделе преговори со српските влади за поделба на Македонија на влијателни сфери, но до 1912 година не била постигната согласност, зашто и големосрпските претензии биле големи.

Големосрпската пропаганда

Големосрпската пропаганда во Македонија поизразито се појавила по 1868 година, но извесни нејзини идеолошки начела биле поставени уште во 1844 година, во т.н. „Начертание“ на Илија Гарашанин, во кое се вели дека Кнежевството Србија треба да се грижи и за приклучувањето на Македонија кон Србија.

Во 1868 година, според директиви на српската влада, во Белград бил основан „Просветен одбор“, кој се зафатил со отворање српски училишта во Македонија. До 1873 година тој отворил 61 училиште.

Во 1877 година бил формиран т.н. Главен одбор под претседателство на архимандритот Сава. Овој Одбор работел за приклучување на Македонија кон Кнежевството Србија.

За таа цел организаторите и агитаторите на големосрпската пропаганда, од типот на Ј. Драгашевиќ, П. Сречковиќ, М. Милоевиќ и др., работеле за создавање „Велика Србија“ и ги „докажувале“ српските права во Македонија.

Во служба на големосрпската пропаганда во Македонија се ставиле и некои научници и писатели, како Ст. Новаковиќ, Ст. Станојевиќ, Д. Јовановиќ, Ст. Гопчевиќ, Ј. Цвијиќ и др. Тие пишувале за да ги оправдаат завојувачките стремежи и акции на големосрпската буржоазија во Македонија.

Во акциите за освојување на Македонија големосрпските владејачки кругови биле поттикнувани од Австро-Унгарија, која по склучувањето на тајниот српско-австриски договор од 1881 година понастојчиво ја насочувала српската политика кон Македонија, со цел да го одврати вниманието на Србија од Босна и Херцеговина и од Србите во Австро-Унгарија.

Освен тоа, Виена сметала дека пропагандите на Србија, Грција и Бугарија во Македонија ќе предизвикаат такви мешаници што таа ќе може да ги искористи за самата да навлезе во Македонија.

Во периодот по 1881 година српската влада, поттикнувана од Виена и од засилувањето на големобугарската и големогрчката пропаганда, презела низа акции и мерки за да ја засили својата пропаганда во Македонија.

За таа цел работела за назначување српски владици во Скопје, Прилеп, Дебар, Велес, Битола и Охрид. При остварувањето на овие барања српската влада соработувала со грчката Патријаршија и со турските власти.

Истовремено ги зголемила паричните средства за пропаганда. Од 1886 година, на пример, во нејзина служба било ставено белградското друштво „Свети Сава“, кое дејствувало меѓу македонските печалбари во Србија, отворало српски училишта во Македонија и ширело пропагандни публикации.

За засилувањето и проширувањето на големосрпската пропаганда големо значење имала дејноста на српскиот пратеник во Цариград Стојан Новаковиќ. Тој успеал да добие дозволи од Портата за назначување српски конзули во Солун, Скопје во 1887 и во Битола во 1888 година.

По изградбата на железницата Скопје – Врање во 1888 година, големосрпската пропаганда започнала да испраќа во Македонија не само учители, туку и книжари, лекари, трговци и разни други агитатори.

Во 1890 година било реорганизирано централното раководство на големосрпската пропаганда. Дотогашното раководно тело – Одделението за училишта и цркви на Министерството за просвета – било заменето со Политичко-просветното одделение на српското Министерство за надворешни работи.

Паричните средства биле зголемени од 200.000 во 1890 на 300.000 динари во 1891 година.

Големобугарската пропаганда

Најсилен соперник на големогрчката и големосрпската пропаганда во Македонија била големобугарската пропаганда, која во последните децении на XIX век имала пуштено најжилави корени и била најраспространета.

Таа започнала да дејствува уште пред создавањето на Егзархијата во 1870 година. Нејзините почетоци појасно се согледуваат во акциите на бугарската буржоазија и нејзините претставници во Цариград, групирани околу П. Р. Славејков.

Тие уште тогаш дејствувале со разни средства за задушување на самостојното македонско движење. Презеле повеќе акции против македонските учебникари, воведувањето на македонскиот јазик во училиштата, обновувањето на Охридската архиепископија и др.

По 1870 година, а особено по формирањето на бугарското кнежевство, Егзархијата станала главен спроведувач на големобугарските завојувачки и асимилаторски планови и акции во Македонија.

Големобугарската пропаганда преку неа ги потчинила училиштата и црковно-училишните општини и ги прогонувала сите пројави на македонската национална свест и самостојност.

Во 1897 година во тие акции биле вклучени и бугарските трговски агентства, еден вид конзулати, во Солун, Битола и Скопје, кои покрај егзархиските митрополии станале раководни центри на големобугарската пропаганда.

Таа преку училиштата и црквата ја всадувала бугарската национална свест и „докажувала“ дека Македонците биле Бугари. На тој начин се подготвувал терен за приклучување на Македонија кон Бугарија.

Со цел да се засили и прошири бугарската пропаганда, според директивите на софиската влада и дворот, при Егзархијата била создадена просветна комисија, која работела под претседателство на егзархот и под контрола на бугарските дипломати.

Комисијата имала специјална задача да се грижи за школската и просветната пропаганда и да ги држи под своја контрола училиштата и културно-просветната дејност во Македонија.

Како резултат на тоа, бројот на егзархиските училишта растел секоја година. Во 1886 година Егзархијата располагала во Македонија со 306, а во 1888/1889 година со 748 основни и 63 класни училишта.

Посебна грижа водела за машката и женската гимназија во Солун, за учителските школи во Скопје и Серес, за Богословијата во Охрид итн.

Големобугарската пропаганда, исто како и другите, вложувала големи напори учителскиот и свештеничкиот кадар да го регрутира и воспитува од редовите на македонската младина, за полесно да дејствува и да ги прикрива своите противмакедонски акции.

Како резултат на тоа, извесен број воспитаници на бугарските училишта станале агенти на големобугарската пропаганда и агитирале за „Санстефанска Бугарија“, односно за приклучување на Македонија кон Бугарија. Такви агенти создале и грчката и српската пропаганда.

Големобугарската пропаганда дејствувала и преку некои македонски емигрантски друштва во Бугарија, кои по потреба на бугарските владејачки кругови организирале разни митинзи и манифестации или испраќале во Македонија вооружени чети.

Но големобугарската пропаганда наидувала и на отпор кај македонската емиграција. Меѓу прогресивните емигранти имало групација предводена од Димитар Благоев, Спиро Гулапчев и други, која била против приклучувањето на Македонија кон Бугарија и предлагала македонското прашање да се реши во рамките на една балканска федерација, во која македонскиот народ доброволно би се изјаснил за својата судбина.

Најново од: Досиеја

Предавниците ја земале наградата – а останувале запаметени по срамот

Македонија имала многу непријатели однадвор, но нејзините најтешки рани честопати биле нанесувани тогаш кога непријателот добивал помош однатре. Внатрешните поделби, атентатите и одмаздите одзеле многу животи и ја ослабнале борбата за македонската слобода. По Балканските војни Македонија била поделена меѓу соседните држави, а македонското револуционерно движење влегло во еден од најтешките периоди од своето постоење. […]

Македонците се судрија со полицијата во Софија на 28 Maj 1934 g.

Дваесетмина повредени во првата јавна манифестација по воспоставувањето на диктатурата Безжична дописка до „Њујорк тајмс“ СОФИЈА, 28 мај. — Во првата јавна демонстрација по воспоставувањето на бугарската диктатура, дваесет Македонци денеска беа повредени во судир со коњичката полиција. Судирот се случи за време на годишното одбележување во чест на Македонците што загинале во текот на […]

Предавствата – една од најтешките рани во македонската историја

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа.“ Ова е еден од најмоќните цитати на Гоце Делчев. Во него јасно се […]

31 октомври 1982 – се појавува „ШТАЗИ“„Да се набљудува“

На 31 октомври 1982 година во источногерманската документација се појавува оперативно барање. На него стои: Jakovleski, Manojlo. Целта е јасна: „In der Zeit von Einreise bis Ausreise beobachten.“ Во времето од влегувањето до излегувањето – да се набљудува. Ова е еден од најважните документи во целата приказна. Тој покажува дека интересот на Штази кон Мане […]

Мане Јаковлески и Ресторанот „Ново Скопје“ под надзор на Штази во поделениот Берлин

Повеќе од три децении не знаев дека источногерманската тајна служба – Штази – собирала информации за мене, за моите движења и контакти, како и за рестораните „Ново Скопје“ и „Македонија“ во Западен Берлин. За тоа дознав дури во 2017 година, благодарение на мојот близок германски пријател Матија Дорнфелд, кој работеше во Министерството за надворешни работи […]

Предлог за пласирање информација во МНЕ и пошироко – обид преку интриги да се внесе раздор во ДООМ

Документ од Службата за државна безбедност од 1987 година открива разработен план преку Мане и Гојко Јаковлевски да се наруши угледот на Драган Богдановски во македонската емиграција и да се создадат недоверба и внатрешни поделби во круговите на македонското национално движење. Македонските безбедносни служби од своето формирање по Втората светска војна, па до осамостојувањето на […]

Киднапирањето на Драган Богдановски во Париз – операцијата на СДБ против претседателот на ДООМ

Во 1977 година, среде Париз, Драган Богдановски – претседател на Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) и еден од најактивните македонски политички емигранти – бил киднапиран и тајно пренесен во Југославија. Следувале 18 месеци изолација и истрага, судење зад затворени врати и пресуда од 13 години затвор. Документите од неговото досие откриваат до […]

Што видел Ниче Димовски-Македон додека седум дена бил во кома?

Во 1997 година, на 33-годишна возраст, Ниче Димовски-Македон, по тешка операција на хранопроводот во Германија, паднал во кома која траела седум дена. Преживеал, а подоцна пишувал за своите сеќавања од „другиот свет“. Години подоцна јавно изјавил дека доживеал клиничка смрт и дека имал необични визуелни слики, меѓу кои и визии поврзани со гробот на Александар […]

To top