Берлин, 08.09.95
Во преполната сала во Ратхаус Шенебер – седиштето на поранешната Берлинска влада, се одржа семинар на тема „Македонија на пат кон Европа“. На семинарот зедоа учество дипломати од неколку амбасади и тоа: Кина, Египет, Русија, Британија, Словачка, Чешка, Бугарија, Хрватска, Шведска, Индонезија, Франција, Италија, Словенија, Полска. Исто така на семинарот во Берлин присуствуваат голем број журналисти, политичари и пријатели на Македонија.
Пред околу 200 присутни семинарот го отвори г. Матијас Дорнфелд – македонски лобист во Берлин, а прв воведен излагач беше амбасадорот на Р. Македонија во Германија г. Срѓан Керим. Откако ги поздрави присутните г. Керим направи [осврт] на состојбите и времето во кое Р. Македонија ја избори својата самостојност, и борбата на Македонија да се вклучи во Европските институции. Жално е, рече г. Керим, дека некои држави во нашето опкружување се понашаат како да се наоѓаме во 18 или 19 век. Судбината на нашата земја е Европа, а очекуваме помош од нашиот сосед Грција да ни помогне полесно да се интегрираме во таа Европа, а не да кокетира со некои држави на Балканот на кои етничкото чистење им е главна преокупација, патот на Грција кон Европа води низ Македонија, а патот на Македонија кон морето води преку Грција, истакна г. Керим.
На семинарот за Македонија, д-р Стефан Троебст – голем познавач на нашата истрија кој досега има напишано четири книги за Македонија, е еден од посматрачите на КЕБС во Македонија во 1990–1991 година.
Г. Троебст говореше за македонско-германските односи во 20 век. Откако направи широк осврт на македонско-германската соработка г. Троебст рече: Македонско-германските односи имаат подлабоки корени отколку што што може еден актуелен момент да покаже, затоа во овој 20 век повеќе пати тоа се покажало, а како круна на сè е сегашното германско залагање за помош на Македонија: финансиски и за вклучување на Македонија во Европските институции.
Проферор д-р Ошлис во своето излагање рече: иако Бадинтеровата комисија донесе одлука дека само Македонија и Словенија ги исполнуваат условите за признавање – Европа тоа не го стори. Европа под притисок на својата членка во Европската Унија Грција, донесе одлука против своите принципи. Но сепак Македонија успеа да избори меѓународно признавање, а сега од Европа се чека да ѝ помогне на Македонија и на македонскиот народ кој е гостољубив и чесен – Македонија е моја втора татковина, истамна г. Ошлис.
На крајот од семинарот кој го организираа: Македонскиот клуб Гоце Делчев и Македонскиот лобист во Берлин г. Матијас Дорнфел, за присутните приредија богат коктел.
Организаторите срдечно им се заблагодарија на спонзорите на овој втор по ред семинар во Берлин и тоа: Берлинската пивара „Берлинер Киндл“, „Глобал Флајш“ од Хамбург, ресторанот „Ново Скопје“ од Берлин, Експорт – Импорт „Мак-Веин“ Стојаноски од Вупертал, Македонската православна црковна општина „Свети Климент Охридски“ од Берлин, а секако за одбележување е залагањето на Македонките од Берлин кои испекоа прекрасни лебови и пити.
Договорено е вакви семинари во Берлин да се одржуваат секоја година и да прерасне во традиционална.
Берлин, 08.09.95
„Македон“

