Александар Македонски и по повеќе од 2.300 години останува една од најфасцинантните личности во човечката историја. Неговиот живот продолжува да инспирира нови истражувања, биографии и различни толкувања на неговото наследство.
Оваа недела, историчарот на антиката Едмунд Ричардсон ја освои водечката британска награда за нефикција, „Бејли Гифорд“, за биографијата „Александар: Бог, крал, човек“. Напишана со елеганција и убедливост, книгата е „прекрасна кинематографска приказна“, според претседателката на жирито, Кирсти Ланг, но и ерудитско, богато осмислено навлегување во далечното минато.
Александар не е само историска личност, туку и архетип. Како што покажува поднасловот на книгата на Ричардсон — „Бог, крал, човек“ — неговиот живот ги спојува крајностите на човечкото искуство: од ранлив и суетен млад принц до суров освојувач кој верувал дека е син на Зевс.
Иако приказната е стара, историската наука не мирува. Современите автори, вклучувајќи го и Ричардсон, го привлекуваат читателот со нови толкувања на археолошките наоди, вавилонските астрономски дневници и преводите на текстови од древните јазици.
Ликот на Александар низ вековите се користел, а и денес се користи, за различни наративи. За едни тој е симбол на ширењето на цивилизацијата и културното спојување, за други е брутален колонизатор, а за трети — романтичен херој кој прерано изгорел во сопствената амбиција.
Неговата воена генијалност и создавањето една од најголемите империи во светот пред да наполни триесет години остануваат привлечна тема за секоја генерација што се обидува да ги разбере границите на човечката моќ и амбиција. Секоја ера повторно го препрочитува неговиот живот, барајќи во него одговори и за сопственото време.
Во продолжение следува извадок од книгата.
Битката кај Ис: 5 ноември 333 година п.н.е.
Александар знаел дека претстојниот ден ќе ја донесе најголемата битка во неговиот живот. Војската на Дариј, големиот крал на Персија, била распоредена пред него, на тесната крајбрежна рамнина кај Ис, во југозападниот агол на денешна Турција. Рамнината била пресечена од реката Пинар и опкружена со Средоземното Море на запад и со стрмни зелени ридови на југ и на исток. Зад ридовите се издигале уште пострмни, прашливи сиви планини, кои го одвојувале брегот од сириските пустини што се протегале стотици милји кон исток.
Војската на Александар била помалобројна, а тој бил далеку од дома. Не можејќи да заспие, среде ноќ се искачил на врвот на еден рид. Таму, сам, опкружен со пламени факели, се молел, знаејќи дека можеби последен пат ги гледа ѕвездите.
„Неговата самодоверба отстапила место на страв“, напишал римскиот историчар Квинт Куртиј Руф. „Среќата го направила — но сега се плашел од неа.“
Александар имал дваесет и три години. Три години претходно бил убиен неговиот татко, кралот Филип II Македонски. Наследил распаднато кралство, куп долгови и војска која никому не му одговарала. Бил тенок, жилав млад човек на кого малкумина му придавале значење сè додека ненадејно не дошол на престолот. Лицето му било бледо и изразито, лесно поцрвенувало, а имал остар нос, огромни очи и долга кадрава коса.
Набргу по стапувањето на престолот, Александар ја повел својата војска на исток, во огромната Персиска Империја. За Грците во IV век п.н.е., Персија била земја на чуда и остварени соништа, каде што ништо не било премногу необично за да се поверува. Тоа било место на неизмерно богатство и незамислив луксуз. Есхил ги замислувал ѕидовите на дворот на Големиот крал како да се од чисто злато. Додека многу грчки градови-држави немале повеќе од неколку илјади жители, персискиот владетел управувал со околу педесет милиони луѓе. Не е ни чудо, си велеле Грците, што тој верувал дека е повеќе од човек.
Персија во повеќе наврати се заканувала дека ќе ја проголта Грција. Сега Александар им ветил на Грците одмазда. Ја повел својата војска јужно од Хелеспонт, денес познат како Дарданелски Проток, низ западните провинции на империјата и по брегот на Мала Азија, пљачкосувајќи и ослободувајќи во приближно еднаква мера.
Едвај ја преживеал битката со намесниците на Дариј кај реката Граник, каде што за миг можел да ја изгуби главата. Потоа со недели лежел со треска, треперејќи и немоќен. Неговиот благајник избегал со онолку злато колку што можел да украде. Насекаде имало несогласувања и бунт, а походот изгледал како да е на работ на пропаст. Тогаш Александар почнал да слуша гласини дека кон него се приближува огромна војска.
Под закрила на темнината, во раните утрински часови на 4 ноември, Големиот крал ја повел својата војска низ тесен премин во планините Аман, кон крајбрежната рамнина кај Ис. Задната гарда на Александар — со багажот и залихите, болните и ранетите војници — се движела на југ по брегот кога Дариј се нафрлил врз неа.
Војниците немале никаква шанса. Некои биле убиени, други заробени. Заробениците „биле ужасно осакатени“: им ги отсекле рацете, а потоа крвавите рани им ги каутеризирале со смола. Одвај способни да стојат, биле влечени во агонија низ персиската војска. Потоа Дариј ги пуштил и ги испратил кај Александар „да му кажат на кралот што виделе“.
Александар првпат дознал што се случило кога еден осакатен војник, тетеравејќи се, пристигнал во неговиот логор. Заробениците доаѓале еден по друг, секој со истата приказна и со истите кошмарни црни дамки на местата каде што некогаш им биле рацете.
На почетокот Александар не сакал да поверува дека веста е вистинита. Испратил војници со мал чамец долж брегот за да дознаат што се случува. Мислел дека сигурно станува збор за итрина или за претходница, а не за самиот Голем крал.
Но, околу осумнаесет часот, додека сонцето заоѓало, неговите луѓе од чамецот ги здогледале логорските огнови на персиската војска. Илјадници и илјадници огнови се протегале низ рамнината кај Ис. Ги имало толку многу што „изгледало како целиот свет да е во пламен“.
Повеќе немало сомнеж: Дариј го надмудрил Александар. Персиската војска била многу побројна и му го пресекла патот кон дома.
Во студениот ноемвриски самрак, Александар одел горе-долу низ редовите на своите војници. На командантите им зборувал за минатото: за победите што веќе ги извојувале заедно и за битките во кои Грците ја победиле Персија. На војниците им зборувал за иднината: за славата и богатството што ќе им припаднат ако победат.
„И ако некој од луѓето претходно направил извонредни работи во битка, во потрага по слава, тогаш Александар ќе го издвоел по име, за посебна пофалба.“
Наскоро војниците се насобрале околу него, пробивајќи се низ толпата „од сите правци, за да ја зграпчат десната рака на Александар“. Тој ги фаќал нивните раце една по друга — студени од ноемвриското време, задебелени, со лузни, обележани од годините поминати во походи. Се обидувал да не мисли на другите, на оние чии раце недостасувале. Потоа ѝ наредил на војската да се сврти и да тргне право кон Големиот крал.
Околу полноќ стигнале до превојот што водел кон рамнината кај Ис. Таму поставиле логор. Александар се погрижил неговите луѓе да јадат, а потоа им дозволил неколку часа одмор. Самиот, пак, останал буден, со мислите насочени кон претстојната битка.
Како дете, Александар учел кај Аристотел. Филозофот бил фасциниран од храброста и ја сметал за најважна доблест. Но, што значи да се биде храбар?
Аристотел сметал дека од некои работи треба да се страхува: од повредувањето на семејството или од сопственото понижување. Храброста не значела да се биде бестрашен во битка, туку да се соочиш со сопствениот страв и да ги поттикнеш луѓето околу себе да го сторат истото.
„Храбриот човек, според тоа“, тврдел Аристотел, „најхрабриот човек ќе биде човекот кој се соочува со достојна смрт, без страв“.
Таа ноќ, под ѕвездите, Александар се обидувал да го смири стравот и да се подготви за смртта.
„Тој бил далеку од сигурен дека ќе биде победник“, напишал Квинт Куртиј Руф, „но бил сигурен во едно: дека ако умре, тоа ќе биде како што треба да умре човек, славно“.
Сè уште не го знаел тоа, но Александар бил на прагот да стане легенда. За само неколку години, младиот човек од ридовите на Македонија ќе владеел со огромна империја што се протегала до рамнините на Индија. Неговиот поход ќе го преобразел светот. Од ѕвездите на небото до зборовите на оваа страница и соништата во нашите глави, Александар ја преобликувал реалноста подлабоко од речиси кој било друг во историјата.