(септември 2021 година)
Поминаа веќе 30 години откако се распадна југословенската федерација и Македонија стана самостојна држава.
Иако тогашните македонски лидери не беа воопшто подготвени за независност, а распадот беше повеќе од очигледен, имавме многу повеќе среќа отколку знаење и умеење, зашто не бевме вклучени во војните кои следуваа.
Гледано од денешен аспект, нашата среќа беше во фактот што српскиот вожд Слободан Милошевиќ, кој секако беше најодговорен за распадот на Федерацијата, беше уверен дека Македонците сами ќе се вратат во српска прегратка, заедно со Косово и хрватска Краина. Тоа е една од неговите најголеми грешки.
Нашата мудрост, пак, беше во референдумското прашање кое беше намерно двосмислено, оставајќи простор за некаков нов сојуз со југословенските републики. Факт е дека Југословенската народна армија (ЈНА), која беше веќе под целосна контрола на Милошевиќ, а беше бројна и со огромно наоружување во Македонија, само за неколку часа можеше да изврши воен преврат, да ги затвори сите политичари што беа за независност и да донесе на власт просрпски лица. Ако тоа се случеше, судбината на Македонија ќе беше дефинитивно запечатена. Неколку дена ќе вревеше меѓународниот фактор – и со прст немаше да мрдне.
Заслугата што Македонија не се врати во прегратките на Милошевиќ е на првиот претседател Киро Глигоров. Тој го формулираше референдумското прашање, со цел да не се провоцира Србија. Исклучително е значаен и неговиот договор со генералот Аџиќ за повлекување на ЈНА од Македонија. И тука имавме среќа бидејќи тоа се случи заради војните коишто Србија ги водеше во другите делови од поранешна Југославија и овие единици и наоружување на ЈНА му требаа на Милошевиќ за тамошните фронтови. Во спротивно…
Народот го разбра историскиот предизвик и масовно излезе на референдумот и речиси едногласно ја поддржа независноста на Македонија. Голема грешка беше што на референдумот не беше обезбедено и учество на Албанците.
Мораше енергично да се инсистира, иако тоа личеше на невозможна мисија. Поттикнати од Тирана, Албанците имаа поинакви планови. Тоа е периодот на Илирида, кога тие гласаа на сопствен референдум за разбивање на Македонија и создавање Голема Албанија, според „Призренската лига“.
На почетокот на 1990-тите години конституирањето на независна Македонија одеше многу тешко. Како беше тогаш, може само да се замисли кога се знае дека и денес (2021), и сите овие 30 години, секојдневно на Македонија ѝ се поставуваат нелегални и непринципиелни пречки, со единствена цел да се сотрат Македонците. Секому мора да му биде јасно дека сите овие 30 години нема период од ниту три или шест месеци во кои Македонија можеше да функционира и да се развива во нормални услови.
Државата беше непрекинато – непризнаена, негирана, под уцени и ултиматуми, со блокирани граници, било легално (српската, од страна на СБ на ООН), или нелегално (грчката)…
Беше жртва на агресија од Косово, во режија на западните фактори, вклучувајќи го и НАТО, беше нелегално уставно реструктурирана со американски изум наречен Охридски рамковен договор, ѝ беше наметната неприфатлива нова административна поделба со која се албанизираат нејзини делови, ѝ беа подметнувани и наметнувани капитулантски договори со соседите и со Албанците… Така, Македонците се откажуваа од самите себе и од сопствената држава и, иако им беше постојано ветувано членство во ЕУ, сѐ уште чекаат.
Тешко може да се замисли дека и многу побогата и помоќна држава од Македонија ќе го издржеше сето тоа. Денес веќе нема какви било дилеми, ниту може да има, дека сите наши голготи беа и се, според сценарио на САД и во нивна режија. Меѓутоа, никако не значи дека немало и наша улога и вина, и дека тие биле за потценување. Напротив, без наша согласност сето спомнато беше невозможно да ни се случи.
Дури и еден од најголемите американски дипломати, Лоренс Иглбергер („Време“, од 26.4.2010) изјави за МТВ: „Ако Македонија одлучи да го задржи уставното име, нема сила која може да ја присили на промена“! Тоа е апсолутно точна оцена. А дали нашите политичари беа некадарни, неодговорни или несвесни што прават, дали тоа беше резултат на нивни или на партиски интереси, или сѐ беше наметнато од надвор… воопшто не е важно.
Сите македонски политичари од сегашната гарнитура на власт (2021), речиси без исклучок, идеално се вклопуваа(т) во интересите на странците и во големоалбанските тенденции во земјата. А најчесто се мотивирани заради добивање или задржување на власта. Државните и националните интереси никој не ги есапи. Без согласност на нашите аматери, меѓународниот фактор не можеше ама баш ништо да ни наметне. Не постојат механизми за такво нешто. Тоа важи за сите наши голготи. Од почетокот, кога нелегално ни го суспендираа името во ООН. На крајот од денот, сите тие белосветски џандари ќе си ги измијат рацете и прстот ќе го вперат во нас и во нашите политичари. Со право ќе тврдат дека тие никого не натерале со сила да капитулира, а тоа што притискале било нивна службена обврска. Во нормални држави, за прифаќање на неуставни, нелегални и неприфатливи решенија, кривично се одговара и се завршува во затвор. Кај нас…
Кога од денешен аспект (септември 2021) се навраќаме на голготите низ кои врвиме веќе 30 години, заклучокот е многу прост. По распадот на Југославија, независна македонска држава не беше и сѐ уште е неприфатлива за главниот меѓународен фактор, а тоа секако се – САД. Нивната доминација во светот е толку изразена што ни Германија, Франција, Велика Британија… не се осмелуваат да ѝ се спротивстават.
Сите тие, предводени од Брисел, некритички и вазалски ги следат интересите на Вашингтон. Трагично е што нашите политички „лидери“, од сите главни политички сили, не беа и не се спремни да се соочат со вистината. Сите ги третираат САД како наш стратегиски партнер, а тие ни ја кројат судбината и на крајно безобѕирен начин го затвораат „Македонското прашање“ со бришење на Македонците.
За да немаме илузии, ќе го спомнеме следниот пример.
Францускиот претседател Макрон ни испрати честитка по повод Денот на независноста (2021), во која ни ја изрази „солидарноста на францускиот народ кон населението на Македонија“. Тоа кажува сѐ. Тие се Французи, ама Македонци – нема. Ние сме население. Севеџанско. И во честитката на американскиот претседател Џо Бајден не се спомнува македонскиот народ, што е неизбежна реченица во нормални прилики. Впрочем, ако веќе нашите политичари со сите сили избегнуваат да спомнат што било македонско, од народот та до сѐ друго, зошто пак странците да сметаат дека овде има некаков друг народ, освен неосвестени „бугарчиња“?
Денот на независноста ќе го задржи свето значење само доколку опстане македонскиот народ, што во моментов не е сосема извесно. Ако не се разбудиме во блиска иднина, лошо ни се пишува.
Во старата македонска песна „Народе македонски“ не случајно се пее: „Народе македонски, со какви идеи си ти, доста беше, разбуди се, свести се, не спиј ти“.
Текст од книгата на Ристо Никовски, „Македонска небиднина“, септември 2021 година.