Историски документ: Протест на македонското население од Малешево против одлуките на Берлинскиот конгрес
На 24 ноември 1878 година, населението од Малешевскиот крај упатило обраќање до генералниот англиски конзул во Солун, во кое ги изнесува своите страдања под османлиската власт и протестира против одлуките на Берлинскиот конгрес, со кои Македонија повторно останала под османлиска власт.
Во документот, малешевските востаници сведочат за насилствата, убиствата, затворањата, верските притисоци и страдањата на македонското население. Потсетуваат и на претходните обиди преку петиции и протести да го привлечат вниманието на европските сили, како и на востанието од 8 мај 1876 година.
Особено значаен е фактот што авторите во обраќањето изречно се идентификуваат како Македонци и ја истакнуваат својата загриженост за иднината на Македонија.
ТРАНСКРИПЦИЈА НА ДОКУМЕНТОТ
Број 205
24 ноември 1878 година – Обраќање на населението од Малешевскиот крај до генералниот англиски конзул во Солун, со протест против одлуките на Берлинскиот конгрес.
Ваше високопревосходителство!
Веста за пристигнувањето на Вашето високопревосходителство во Џумаја ни даде добри надежи и нам, Македонците, жители на Малешевскиот округ, кои постојано и најтешко страдаме до денешен ден. Причините за тие страдања и турската тиранија ѝ се познати на просветена и човекољубива Европа, а најмногу на благодетелката Англија, преку нашите телеграми од 1874 година до нејзиниот амбасадор во Цариград.
Постојаните убиства, затворања, неправедни обвинувања, газењето на нашата верска совест, обесчестувањето на нашите жени, ќерки и сестри, станаа обичај, на задоволство на Турците! Не можевме никому да ѝ ја довериме таа тајна и болка на совеста, освен на англискиот конзул во Солун. Неговите човекољубиви совети беа нашата последна надеж и охрабрување, па со безброј молби и протести ги исполнувавме владините канцеларии. Но, наместо исполнување на нашите барања, секогаш добивавме одмазда, како неблагодарни неверници.
Најпосле, во 1876 година, на 8 мај, бевме принудени со оружје в рака да протестираме пред целиот свет, надевајќи се дека ќе го свртиме вниманието на турската влада и ќе ја натераме да размисли за злото што нѐ снајде, пред да бидеме принудени да ја принесеме на европскиот олтар и последната капка од нашата крв!!!
Нашиот протест не го привлече вниманието на турската влада за да ни ги исполни барањата, туку таа испрати 12.000 редовни војници и уште повеќе башибозуци, за да го извршат и она што човечката совест не дозволува да се изговори, дури ни кога станува збор за машкиот пол! Колежите станаа вообичаена појава.
Оние што тогаш не беа заклани, пред еден месец, за време на новото сегашно востание, повторно беа нападнати од турската војска и башибозуците. Од беспомошните жители беа убиени 58 – педесет и осум мажи, жени и деца, чии имиња се наведени во посебен список. Околу 500 – петстотини семејства успеаја да се спасат само со сопствениот живот, бегајќи во Џумајскиот и Ќустендилскиот округ, каде што продолжуваат да страдаат пред вратите на своите браќа.
Ваше високопревосходителство!
Нашата македонска крв, со која сме принудени да ја натопуваме оваа Македонија, која веќе две илјади години е немилосрдно осудувана и презирана, сакаме конечно да придонесе да престане одмаздата над некогашната голема и славна Македонија!!!
Азиските народи можеби, според своите стари преданија, сакаат од светот да го избришат името Македонија! Но, дали просветена Европа има причини за тоа? И зарем сѐ уште не се родил спасител што ќе нѐ избави од нашиот праотечки грев?
О, Исусе, христијански спасителу! Не можеме повеќе да се проколнуваме себеси, но ти, семоќен Боже, казни ја таа европска држава што сѐ уште сака да нѐ држи во пеколот на турскиот антихрист, за да не ја одмине нашата судбина.
Во нашите чувства отсекогаш сме ја негувале надежта и довербата во англиската влада. Со истата симпатија и сега Ви се обраќаме и најпокорно Ве молиме, Ваше високопревосходителство, имајте нѐ пред христијанската совест на човекољубивиот англиски народ.
Од малешевските востаници, на Вашето високопревосходителство, покорни слуги.
Забелешка: Документот го потпишале 15-те водачи на востаниците во Малешево. Кон него бил приложен и посебен список со имињата на 58-те убиени беспомошни мажи, жени и деца.
Архивски извор: ЦГВИА, фонд 430, опис 90, листови 188–189. Заверена копија.